Милан со своја верзија како одговор на Раиола: Ќе му простиме на Донарума, но нема да го продадеме, а Раиола лаже!

2149

„Росонерите“ го повикуваат младиот голман да се предомисли и му нудат рака за помирување.

Не му требаше многу време на Милан да одговори на тврдењата на Мино Раиола околу преговорите кои беа водени за нов договор за Џанлуиџи Донарума. Генералниот директор на Милан и десна рака на кинеските сопственици на клубот, Марко Фасоне, во интервју за миланскиот дневен весник „Кориере дела Сера“ ја изнесе својата верзија од приказната и официјалниот став на клубот.

Фасоне е разочаран од одлуката на голманот преку својот агент да соопшти дека нема да го продолжи договорот и така клубот да го доведе во незавидна ситуација.

„Нѐ боли кога ќе видиме какви екстреми има во денешниот фудбал. Останува горчилв вкус ако неговата одлука, или одлуката на неговиот агент предизвикува уште вакви реакции. Како клуб, навистина не знам што уште можевме да направиме за Џиџо и неговото семејство да почувствуваат желба да останат. Се обидувавме да го пренесеме тоа во секој контакт“, тврди Фасоне.

Директорот на Милан го повикува Донарума да се предомисли и дека се ќе му биде простено.

„Ако е подготвен повторно да размисли и да ја разгледа својата одлука би го дочекале со раширени раце како клуб. А мислам дека и навивачите на крајот така ќе го дочекаат. Расположенијата се менуваат брзо…“.

Фасоне ги демантира тврдењата на Раиола дека клубот му се заканувал на Донарума.

„Немаше никакви закани. Нашата позиција е јасна. Донарума не е на продажба и ќе остане во клубот следната сезона. Тренерот Виченцо Монтела ќе одлучува на неделна база што да прави понатаму. Што се однесува до мене лично, може да игра на секој натпревар. Но, како сериозни луѓе, не можеме да си дозволиме големи ризици и затоа бараме друг голман“.

Челникот на Милан објаснува зошто е невозможно Донарума со ваков став да брани следната сезона.

„Не можеме да се потпреме на некој чиј договор истекува и кој можеби размислува за Реал Мадрид. Особено на така деликатна позиција како што е голманската. Мораме да бидеме сигурни дека имаме максимално фокусиран чувар на мрежата на теренот кој е во идеална физичка и психичка состојба. На пример, ако трибините на Сан Сиро започнат да протестираат, тоа би можело да го деконцентрира. Според она што Раиола го вели за својот клиент, тој е моментално многу вознемирен“.

Фасоне нема ништо против ако Донарума на поинаков начин истакнал дека повеќе не сака да игра во Милан.

„Никој никогаш не го ни доведувал во прашање неговото право да донесува одлуки за својата кариера. Тоа е во целост легитимно. Но една работа е легитимитетот, а сосема друга е етиката на работење. Нашата огорченост е последица на тоа што целата ситуација беше водена на многу непријатен начин“.

Во славниот клуб сметаат дека Донарума со ваквата одлука му нанесе на Милан огромна штета.

„Можеше се да се направи поубаво и без тоа да се нанесе штета на Милан. Ако ситуацијата остане вакв, тие ќе му нанесат штета на Милан од 100.000.000 евра. Ако Донарума сега вреди толку, тоа е веројатно затоа што клубот инвестираше во него досега и што имаше храброст така млад да го лансира на голот и да му ја подигне вредноста“.

Милан не би застанал на патот на Донарума ако голманот го продолжеше договорот, тврди Фасоне.

„Ако не сака да остане во Милан, се што требаше да направи е да ни каже. Тогаш убаво ќе го продолжевме договорот, ќе ставевме некоја разумна откупна клаузула и тоа е тоа. А потоа и ако веќе ова лето се појавеше најмоќниот клуб на светот со намера да го одведе, Милан би заработил вистинска сума. А не вака…“.

Фасоне отворено изнесува сомнежи дека Раиола има договор со Реал Мадрид за „Кралевите“ да платат многу помало обесштетување, но дека тој во овој случај добива огромно зголемување.

„Во овој случај, онаа разлика која Реал Мадрид не би ја платил за реално обесштетување би завршила во џебот на менаџерот на Донарума. Ние како клуб тие пари барем ќе ги реинвестираме во италијанскиот фудбал“.

Дали Донарума некогаш кажал дека сака да си оди? Раиола тврди дека голманот го променил ставот пред 15 дена.

„Никогаш! Секојпат кога зборувавме на телефон или лице в лице, Џиџо не убедуваше дека сака да остане. Така беше се до два дена пред состанокот со Раиола. Од друга страна, Раиола секогаш ни велеше дека не е подготвен да преговара по нашите временски услови. Значи, тие имаат две верзии на приказната“.

Раиола тврди дека Милан го брзал играчот да донесе одлука. Дали Милан можел да го почека младиот голман уште некое време?

„Никако. Џиџо влегува во последната година од договорот и нам ни е потребно време да реагираме на пазарот и да најдеме голман. Подготовките започнуваат на 3. јуни, така што ова беше апсолутен минимум. Што ако ни кажеше во средината на август дека не сака да го продолжи договорот. Што тогаш ќе правевме. Поставениот рок беше дел од целосно нормалниот план на клубот кој сака да биде сериозен. Освен тоа, имаа два месеци да размислат“.

На тврдењата на Раиола дека целата работа ја расипал директорот Мирабели кој сакал да го заобиколи менаџерот и директно го контактирал семејството на играчот, Фасоне вели:

„Нема поделби на Мирабели или Фасоне. Постои само еден клуб – Милан! Секој потег, секој предлог и секој повик беше синхронизиран и официјален став на клубот. И никому не треба да му паѓа на памет да се обидува да предизвика раздор меѓу нас во клубот“.

loading...