Милан и Фиорентина се договориле околу Калиниќ, дали Несторовски ќе биде неговата замена?

1070

„Скај Спорт Италија“ објави вечерва дека Никола Калиниќ е на прагот на Милан.

„Росонерите“ одамна бараат напаѓач кој би му ја олеснил задачата на Андре Силва во нападот, а на крајот се чини дека Калиниќ ќе биде тој фудбалер. Иако се поврзуваа голем број на имиња со Милан, Калиниќ е тој кој е најблиску до „Сан Сиро“.

За потсетување, Андреа Белоти, Диего Коста и Пјер Емерик Обамејанг беа желбите на Винченцо Монтела, но Милан не успеа да постигне договор со клубовите на споменатите играчи.

„Скај Спорт“ пишува дека Фиорентина прифатила да го продаде Калиниќ за 20 милиони евра со дополнителни пет милиони евра бонуси, додека „Виола“ претходно бараше и преку 30 милиони евра за својот најдобар стрелец.

Постои можност во Фиренца да се пресели и Лука Антонели како дел од трансферот. Инаку, раководството на Фиорентина од претходно го пикираше Илија Несторовски како замена за Калиниќ, доколку Хрватот се пресели во Милан.

Фиорентина не сакаше лесно да се откаже од својот најдобар играч, Милан не се предаваше во трката, но сега проблем може да биде за клубот од Фиренца што Палермо нема да сака лесно да го пушти Несторовски, бидејќи сезоната во Серија Б е пред почеток и има се помалку време да се најде адекватна замена за него.

Фиорентина за Несторовски ќе треба да исплати 10 милиони евра доколку сака да го доведе во своите редови, но најмногу ќе зависи од првиот човек на Палермо Маурицио Зампарини кој истакна дека Несторовски не е на продажба. Сепак, со вистинската понуда, сето тоа ќе се промени.