МЗТ со пеколно тешка задача во АБА лигата

177

Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје денеска ќе гостува во Загреб кај екипата на Цедевита во натпревар од регионалната АБА лига.

„Металците“ кои се заковани на дното од табелата, имаат императив да ја прекинат серијата од пет порази, но тоа ќе биде пеколно тешка задача за избраниците на Александар Тодоров. Хрватскиот тим, кој секогаш е конкурент за врвот и титулата во АБА лигата, во моментов со шест победи и три порази се наоѓа на третото место на табелата. МЗТ, пак, во досегашниот тек на сезоната успеа да обезбеди две победи а претрпе дури седум порази.

Македонскиот шампион ќе мора како знае и умее да влезе во победничка серија со цел да обезбеди опстанок во регионалната лига, а истата ќе биде премногу тешко да ја започне вечерва на гостувањето кај хрватскиот состав.

Со денешниот меч кој ќе се одигра во Загреб меѓу Цедевита и МЗТ Скопје (17:00 часот), ќе започне 10. коло во регионалното Јадранско првенство.