Металург ги завршува подготовките во Маврово, од утре се сели во Струга

564

Ракометарите на Металург ги одработуваат последните тренинзи во Маврово, пред утрешното заминување за Струга каде ќе бидат дел од традиционалниот меѓународен ракометен турнир, кој годинава ќе го има своето 45-то издание. Металург разигрува во групата Б, каде се уште и домаќинот Струга и ланскиот победник, француски Шартр.

За нашиот портал расположен за разговор беше Стефан Дрогришки.

Како минуваат подготовките, во Маврово се чувствува ли замор кај оние играчи кои беа дел од Светското првенство во Алжир?

“Нема замор кај оние кои играа за младата репрезентација, ги одработуваат паралелно со останатите сите дадени задачи. Подготовките поминаа во најдобар ред и сега осртанува да покажеме како е ефектот од нив“.

Пред некој ден го дознавте деталниот распоред на натпревари за првите пет кола од новата сезона во Лигата на шампиони. Започнувате со незгодно гостување.

“Да, Монпеље е противник на стартот и според мене подобро е за почеток да имаме појак противник па потоа да се соочиме со останатите, бидејќи како ќе минува сезоната се повеќе ќе се воигруваме и да бидеме покомпактни“.

Според годинешниот изглед на групата, реално ли е да се очекува минување на првата фаза?

“Ние ниту овој пат не важиме за главни фаворити, но имаме наши адути. Против секого се може и лани никој не очекуваше дека можеме да направиме нешто па бевме на само еден бод од пласман во 1/16 финалето“.

Утрово одекна информацијата за повлекување на Сергеј Самсоненко од Вардар, сметате ли дека тоа ќе се одрази на конкурентноста во лигата?

“Да, запознаени сме со информацијата, но нема зошто тоа нас да не интересира, ние сме насочен кон реализација на нашите цели. Што се однесува до конкуренцијата екипите на Еурофарм Работник и Пелистер имаат сериозни проекти и никако не смее да се потценат во новата сезона“.

Ви претстои настап на турнирот во Струга, какви се очекувањата?

“Струга пред се ќе ни послужи да отсликаме се што работевме тука во Маврово, воедно натпреварите ќе ни помогнат да ја подигнеме играта на повисоко ниво“.