Македонските кошаркари му дозволија на Косово да забележи историски успех

3120

Машката сениорска кошаркарска репрезентација со пораз ги започна претквалификациите за Светското првенство во 2019.година.

Првиот дуел избраниците на селекторот Јорданчо Давитков го одиграа на гости во Приштина против Косово. Домашната селекција имаше фантастичен старт, поточно нашите кошаркари одиграа очајно прво полувреме и јасно беше дека до крајот ќе биде многу тешко да се вратат во игра и да ја анулираат предноста. А таа не беше мала, Косово во првиот период постигна двојно повеќе поени од нас (23:11).

Не се подобри нашата игра ниту реализација ниту во продолжението, па со скромни девет поени ја завршивме втората четвртина и на одмор заминавме со негатива од 20 поени! (40:20).

Работите тргнаа на подобро во продолжението од натпреварот, се подобри одбраната, но и реализацијата, шутевите беа попрецизни и разликата на противникот намалена. Завршницата беше одлична, Македонија стигна до негатива од пет поени, а потоа стапи на сцена Џордан Теодор и заостанувавме само два поени (70:68).

Потфрливме тактични на крајот, не одигравме мудро, лична грешка на Тасовски и успешно изведените слободни фрлања му донесоа на Косово историска прва победа од 72:68.

Општиот впечаток е дека можевм до пресврт, но очајното прво полувреме на крајот го зема данокот.

Македонските кошаркари ги продолжуваат претквалификациите во сабота кога во Скопје гостува Естонија.