Македонија не знае поинаку: Почнаа да работат дигитроните за пласман на Европското првенство

3880

Синоќа, македонската ракометна репрезентација можеше да го прослави својот нов пласман на едно големо натпреварување бидејќи по сите параметри беше подобра од Украина и требаше да победи во претпоследниот натпревар од квалификациите.

Се разбира, тоа не се случи, можеби за да не се урне традицијата до последен момент да пресметуваме што ни треба за пласман понатаму, без разлика дали станува збор за квалификациите или за самите натпреварувања. По ремито во Украина, малку ни е олеснета работата, но веќе почнаа да работат дигитроните што би не однело на Европското првенство во Хрватска претстојниот јануари.

Се се сведува на едно – победа против Чешка в недела во “Борис Трајковски” бидејќи во таков случај нема да не интересира што се случило на вториот дуел од нашата група меѓу Исланд и Украина. Во целата ситуација е добро што имаме подобар меѓусебен биланс со тие две репрезентации и ако завршиме до идентичен број бодови, ние ќе ја имаме предноста.

Токму затоа, постојат уште две варијанти кои би не однеле во Хрватска каде во 2009 почна серијата настапи на оваа македонска генерација на големите натпреварувања.

На нашата репрезентација сега и одговара и нерешен резултат ако Исланд успее да ја победи Украина на домашен терен. Во таков случај, Чешка ќе биде прва со седум бода, ние и Исланд ќе имаме по шест, но како што напомнавме, Македонија е во предност поради подобриот меѓусебен биланс. Третата опција е повторно ние да завршиме нерешено, а така да финишира и мечот меѓу Исланд и Украина. Така, Украина ќе има шест бода, колку и ние и повторно ние ја имаме предноста.

Она што е јасно е дека во ниеден случај не ни е дозволен пораз затоа што Украина или Исланд со каков било резултат во меѓусебниот дуел ќе не поминат.

Овие комбинаторики, избраниците на Раул Гонзалес треба да ги остават во соблекувална и в недела од 20:45 часот да истрчаат на теренот во “Борис Трајковски” со една единствена цел – победа, макар и со еден гол разлика.