Македонија домаќин на ЕП во кајак на диви води: Вардар и Матка ќе ги пречекаат кајакарите

354

Околу 180 натпреварувачи од 18 земји ќе се појават од 11 до 14 мај на Европското првенство во кајак на диви води кој го организира Кајакарската федерација на Македонија во соработка со Европската кану федерација.

Директорот на агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески, Претседателот на Кајакарската федерација на Македонија, Коста Ефтимов и Спортскиот директор на нашата федерација, Атанас Николовски, беа едногласни на денешниот прес дека Македонија е максимално подготвена да одговори на предизвикот и да ја отвори серијата на значајни Европски натпреварувања.

„Агенцијата за млади и спорт секогаш е главниот подржувач на настани организирани од кајак федерација на Македонија, која во изминативе години е водечка во организирање на натпревари од меѓународен карактер. За организација на овој настан од буџетот на Агенцијата се одвоени 1,2 милиони денари. Свеченото отворање на настанот е плоштад „Филип Втори Македонски“ со почеток од 20 часот. Ја користам оваа прилика да ги повикам граѓаните на Скопје и пошироко да бидат дел од оваа манифестација која има огромно значење како за градот Скопје, така и за Македонија“, истакна директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески.

Според програмата, првите две дена од 14:00 часот ќе се реализираат трките во спуст на реката Вардар. Стартот ќе биде кај мостот „Обединети нации“ а целта во Градски парк на така наречената градска плажа. На 13 до 14 мај од 9:00 часот ќе бидат возени трките во спринт на добро познатата патека на реката Треска во Спортскиот центар Матка. Ќе се вози во К1, Ц1 и Ц2 во машка и женска конкуренција а во истите дисциплини ќе има и тимски натпревари.

„Подготовките за старт на Европското првенство во кајак на диви води се во завршна фаза. Очекуваме оклу 180 старта, што укажува на масовност на ова натпреварување, а за квалитетот зборува учеството на Словакот Матеј Пенуш, второпласираниот на ОИ во Рио, Нејц Ждинанчиќ од Словенија, Томислав Леко од Хрватска, како и одличниот тим од Франција, сите кои во моментов се во врвот на европскиот и светскиот врв. Посебно е задоволството што годинашниот меѓународен календар на натпревари стартува токму од Македонија, која е домаќин на Европското јуниорско во 2018, но е и еден од посеризните кандидати за организација на светското сениорско кое е на календарот на натпревари во 2019“, истакна Атанас Николовски.

Во конкуренција за вредните награди ќе бидат активни натпреварувачи од: Чешка, Бугарија, Финска, Холандија, Белгија, Хрватска, Германија, Словачка, Велика Британија, Унгарија, Словенија, Италија, Австрија, Франција, БИХ, Србија, Швајцарија и Македонија. Во исклучително силната конкуренција на Европскиот шампионат, нашите погледи ќе бидат насочени кон Љубомир Спасиќ, кој со досегашните резултати има реална шанса да им парира на главните фаворити.