„Лудакот“ Маркез: Си го загрози животот, па стана светски шампион!

719

Марк Маркез се радува на нова титула во Мото ГП шампионатот. Но работите за Шпанецот не беа идеални, откако за малку сам си го загрози животот, но сепак со неверојатна реакција и рефлексен маневр ја задржа контролата на моторот и дојде до светската титула.

Возачот на Хонда пред последната трка во сезоната во Валенсија, имаше предност од 21 бод пред Андреа Довициозо и единствениот начин да ја загуби титулата беше да падне, односно да не ја заврши трката за да ја загуби титулата светски шампион.

Свесен за влогот, тој веќе на стартот избегна битка и прв влезе во првиот свиок, а потоа и без борба го пушти Жоан Зарко да го помине за првото место, кое не му беше неопходно.

Марк Маркез зад себе го имаше тимскиот колега Дани Педроса кој имаше улога на негов заштитник од двајцата возачи на Дукати, а неочекувано доби помош и од Хорхе Лоренцо, кој упорно не сакаше да го пушти Андреа Довициозо да го помине и покрај добиените пораки и директна наредба од боксот.

И тогаш кога требаше финишот на трката да биде само рутина, Марк Маркез не сакаше да се откаже туку така и реши да тргне по победата пред домашната публика, по што тргна во напад.

Но, сето тоа за малку тоа ќе го чинеше скапо. Шпанецот донесе лоша проценка при сопирањето во првиот свиок, ја загуби контролата предниот дел на моторот, но со неверојатна реакција се спаси од сигурен пад и иако излета од патеката, успеа да се врати и да го завземе петтото место.

Работата дополнително му беше олеснeта следниот круг, кога падна Андреа Довициозо и тоа значеше дека Марк Маркез по шести пат ќе се радува на титулата.

И додека конкурентите за шампионската титула имаа вистинска драма, на врвот Жоан Зарко и Дани Педроса водеа битка за победа во Валенсија. На крајот искусниот Шпанец го победи дебитантот за втор триумф оваа сезона.