Легендата на Звезда: Да дадев гол за 4:3, сите играчи на Јунајтед ќе останеа живи

1643

Легендарниот фудбалер на Црвена Звезда и југословенскиот фудбал, родениот штипјанец Драгослав Шекуларац, индиректно себеси ја припишува вината за смртта на фудбалерите на Манчестер Јунајтед пред 60 години.

Драгослав Шекуларац изјави дека таа трагедија во која на денешен ден пред 60 години настрадаа фудбалерите на Манчестер Јунајтед, неизбришливо е запишана во неговата меморија и дека никогаш не ги заборавил тие играчи и пријатели.

Тој на официјалниот сајт на Звезда се присети на натпреварот кој беше одигран во Белград и индиректно си припиша себеси дел од вината за трагичната судбина на славните „Безбиеви бебиња“.

„Натпреварот беше неверојатен, Манчестер водеше со 3:0, а потоа ние успеавме да израмниме и имавме шанса за целосен пресврт. Јас ја имав најдобрата шанса за победа, стопроцентна! Но, промашив и тие се пласираа во полуфиналето“, истакнува Шекуларац.

Со оглед на тоа дека Јунајтед во првиот меч славеше со 2:1 на „Олд Трафорд“, да погодеше за 4:3 во Белград ќе се играше мајсторка во Италија, бидејќи во тоа време не важело правилото за гол на гости.

Да дадев гол, ќе игравме мајсторка. Тие во тој случај немаше да се враќаат дома од Белград… Којзнае колку пати себеси сум си рекол „Ех, Шеки, што не беше подобар голгетер, сите тие момци ќе останеа живи ако ја затресеше мрежата“, изјави популарниот Шеки.

Фудбалерите на Црвена Звезда и Манчестер Јунајтед развиле огромно пријателство по реванш натпреварот. Вечерта пред трагедијата заедно се забавувале низ белградските кафеани.

„Ние со нив остваривме неверојатно пријателство. Сите беа пријатни и воспитани, вистински англиски џентлмени. По натпреварот со Боби Чарлтон и несреќниот Томи Тејлор, кој загина во тој кобен авион, излеговме во „Метропол“ и имавме незаборавна вечер. Поради таа генерација цел живот бескрајно го почитувам Манчестер Јунајтед и ден денес во мојот дом немам моја фотографија, но чувам врамена слика од тимот кој исчезна тој 6. февруари во Минхен. Тага… Ете, таков е животот“, заклучи Шекуларац.