Левандовски незадоволен што не е меѓу тројцата најдобри на светот: Не знам што повеќе треба да направам

444

Оваа година ќе се наврши една деценија откако ниту еден друг играч освен Лео Меси и Кристијано Роналдо не ја освоил „Златната топка“ за играч на годината во светот на фудбалот. Традицијата веројатно ќе биде продолжена, бидејќи Португалецот е апсолутен фаворит да го одбрани тронот.

На останатите фудбалери им преостануваат само „трошки“ и да се надеваат дека ќе се пласираат меѓу трите најдобри. Еден од оние кои веќе со години е меѓу најдобрите, но во сенка е на Меси и Роналдо е и Роберт Левандовски. Полјакот од Баерн е секогаш во најтесниот круг, но никако не успева да се избори за место меѓу тројцата финалисти.

„Не велам дека тоа ми е најважно. Поважен ми е успехот со Баерн. Особено во Лигата на шампионите. Ако дојдеме до финалето од Лигата на шампионите и ја освоиме Бундеслигата можеме повторно да зборуваме за таа тема, но „Златната топка“ никогаш не ми била приоритет“, вели Левандовски.

Тој го прокоментира изборот за „Златната топка“ и откри дека некои работи му сметаат…

„Не знам што за некој играч значи да биде петти, 25. или 50. во тој избор. Она што се смета се само првите три места. Затоа минатата година бев во најмала рака шокиран. Кога играте за Баерн, доаѓате до полуфиналето на Лигата на шампионите, постигнувате многу голови во Бундеслигата и сте втор најдобар стрелец во Лигата на шампионите, тогаш… Не знам на кое место бев на крајот, но знам дека сето тоа ми е помалку смешно“.

Дека успехот во Лигата на шампионите е клучен во изборот за „Златната топка“, свесен е и Левандовски.

„Игравме добро во првата сезона на Анчелоти во Баерн. Да не бев повреден, можевме да дојдеме до финалето од Лигата на шампионите. Да бев 100 проценти подготвен за мечот во Мадрид, уверен сум дека ќе миневме понатаму, а можеби и ќе ја освоевме Лигата на шампионите“, истакна голгетерот на Баерн.