Лазаров открива: Од Барселона си заминав поради договорот кој ми беше понуден

7692

Капитенот на македонската ракометна репрезентација Кире Лазаров за последен пат во дресот на Барселона ќе настапи во четвртфиналето од Лигата на шампионите.

Двомечот со германскиот гигант Кил ќе има посебно значење за најдобриот македонски ракометар, токму од причината што Лазаров на крајот од сезоната ќе го напушти неприкосновениот шпански првак, а македонскиот „бомбардер“ ќе започне нова ера и тоа во Франција, во екипата на Нант.

Затоа, десниот бек на Барселона и Македонија во моментов е во фокусот на шпанските медиуми. Во интервју за мадридски „АС“, Лазаров говореше за своите најблескави и најтешки моменти во кариерата, а се осврна и на причината за заминувањето од Барселона.

„Навистина сакав да продолжам со Барселона, но клубот донесе одлука во јануари да го ангажира Јуре Доленец од Монпелје, додека јас бев на СП. Двете страни имавме свои позиции, но на крај не успеавме да донесеме заеднички договор. Не беше во прашање економскиот аспект, туку времетраењето на новиот договор. Затоа морав да одберам нов живот и се договорив со Нант и иако имав и други понуди, сметам дека таа е најдобрата. Потпишав на две сезони со можност за можност договорот да биде продолжен за уште една. Ќе играм во земја како Франција, во клуб кој се развива, кој игра во Лигата на шампионите, кој го победи ПСЖ во националното првенство и следната сезона има амбиција да биде дел од најсилните групи од ЛШ“, вели Лазаров во дел од интервјуто и додаде:

„Јас се сметам за светски патник и пет сезони на едно место е доволно, затоа имам потреба да менувам. Ако немаш мотивација да останеш на едно место, колку и да сте добри, не вреди ништо“.

Лазаров говореше и за своите амбиции во последната сезона со Барселона, како и за плановите во репрезентацијата.

„Би сакал по втор пат во својата кариера со Барселона да ја освојам Лигата на шампионите, додека со репрезентацијата на Македонија сакам пласман на Олимписките игри во Токио 2020 година. Во два наврати стигнавме во квалификациите, но, не успеавме. Да се пласираме во Токио ќе биде многу тешко, но, одиме чекор по чекор, година по година. Дај боже да ги избегнам повредите и да го задржам нивото на игра. Ќе биде како сон кој станува реалност доколку се квалификуваме“, вели Лазаров.

Нашиот капитен откри и како почнал да се занимава со ракометот.

„На почетокот започнав да играм кошарка, бидејќи ми се допаѓаше тој спорт. Но, татко ми беше тренер во ракометниот клуб во Свети Николе. Еден ден заминав на тренинг и останав во овој спорт. Мојот татко се противаше затоа што играм со левата рака, бидејќи такви играчи има малку. Но, мене ми се допадна ракометот и го прифатив предизвикот. Поради мојата мала височина, првите четири или пет години играв како крило“ изјави македонскиот „бомбардер“.