Куманово немаше шанси против подновениот МЗТ: „Штрковите“ славеа на гостински терен

202

Екипата на МЗТ Скопје со неколкуте промени во играчкиот ростер успеа да дојде до победа на гостувањето кај екипата на Куманово со 90:106.

„Реновираниот“ МЗТ дојде до победата благодарение на одличниот шут од дистанца. „Штрковите“ погодија 17 тројки на натпреварот и имаа прецизност за три поени од речиси 50 проценти (17/37).

Избраниците на Александар Тодоров уште од самиот старт наметнаа темпо, а тоа резултираше со постојано водство на гостинската екипа. Куманово се обиде да возврати во втората четвртина, но се што успеаја да направат е да ја намалат негативата на само четири поени. МЗТ продолжи со одличната игра и во второто полувреме, пред се во последната четвртина со што заслужено дојде до победата од 90:106.

Бојан Трајковски со 27 поени со само три промашувања од поле (11/14) и пет тројки беше најпрецизен во составот на МЗТ Скопје. Никола Павличевиќ имаше фантастично деби со 21 поен и со шест тројки, а сличен прв меч имаше и Доминик Мавра, кој средбата ја заврши со 17 поени. Не смее да се заборави ниту Радосав Спасојевиќ кој заврши со 19 поени со само едно промашување (8/9). Кај домаќините најдобар беше Караџовски со 24 поени, додека Јаневски заврши со 16.

Со оваа победа МЗТ дојде до скор од 3-2, додека Куманово остана на две победи, забележувајќи го третиот пораз.