Круната се врати во Скопје: Хет-трик за Вардар во СЕХА лигата

1081

Екипата на Вардар ја освои третата титула во СЕХА лигата откако во денешното финале го совлада најголемиот ривал Веспрем со 26-21.

Сосема заслужено бидејќи нашиот тим ја имаше доминацијата и му врати на унгарскиот тим за ланскиот пораз во финалето, а со тоа ја освои и третата титула во регионалното натпреварување. По освоеното прво место во основниот дел од сезоната, Вардар ја потврди својата доминација и на завршниот турнир во Брест каде на убедлив начин ги совлада прво Загреб, а вечерва и Веспрем.

Вардар постојано го диктираше темпото на финалниот меч и единствено не беше во водство по првиот гол на мечот што го постигна Лекаи во втората минута. Понатаму, се играше гол за гол се до 24. минута кога Вардар првпат се одвои на два разлика (10-8 и 11-9). Унгарскиот првак успеа да се извлече од малата криза и со головите на Нилсон и Наѓ се избори за нерешен резултат по првите 30 минути игра.

Но, истата слика како во првото, се повтори и во првите 15 минути од второто полувреме. Вардар најчесто се наоѓаше во водство, а Веспрем брзо ја стигаше негативата. Клучниот период беше оној од 43. до 55. минута кога Вардар направи серија од 7-1 и од 17-17, избега на недостижни 24-18. Освен нападот кој се истакна во тој период, огромен придонес даде и Арпад Штербик со пет одбрани, најголем број зицери со што буквално го откажа противничкиот тим. Колку и да се трудеа, ракометарите на Веспрем не можеа да ја достигнат големата предност на нашиот првак.

Најефикасни на финалниот меч во тимот на Вардар беа Канељас и Дибиров со по пет гола, додека Марсениќ додаде четири од исто толку обиди. Сепак, најголема заслуга оди кај Штербик кој оствари 12 одбрани. На спротивната страна, Алиловиќ имаше 13 интервенци, но Веспрем немаше други расположени играчи во нападот, освен Илиќ кој посригна пет гола.

Со денешниот триумф, Вардар стана првиот тим во историјата на СЕХА лигата со три титули кои се освоени во пет финалиња. За “црвено-црните”, ова е прв трофеј по 2014 година кога триумфираше на завршниот турнир во Нови Сад. Завршниот турнир во Брест е одлична најава за она што следи во претстојните две недели кога Вардар против Фленсбург ќе се обиде, конечно, да обезбеди пласман на фајнал-форот во Лигата на шампионите.