Крај: Тодоров не е повеќе тренер на МЗТ Скопје

117

Александар Тодоров повеќе не е прв тренер на екипата на МЗТ Скопје Аеродром, откако управата на клубот вечерва ја прифати неговата оставка.

Клупските челници со досегашниот стратег имаа долг разговор во обид да се најде вистински начин за излез од кризата, по кој на Тодоров, откако цврсто остана на својата одлука, му заблагодарија на сѐ што стори за „металците“ во периодот кој е зад нас. Напуштањето на тренерската позиција, сепак, не мора да значи и целосно заминување на Тодоров од нашиот клуб, со оглед што тој доби отворена понуда да продолжи да работи на позиција која дополнително би била договорена. Досегашниот стратег побара време за размислување за да реши што ќе биде следен чекор во неговата кариера.

Управата на клубот веќе напорно работи околу пронаоѓањето на неговиот наследник, со оглед на цајтнотот во кој се најдовме поради исклучително важниот меч кој нѐ очекува в недела дома против Морнар. Разговорите со потенцијални кандидати за наследник на Тодоров веќе се прават и многу брзо официјално ќе биде објавено името на новиот тренер на МЗТ Скопје Аеродром.