Крај на една успешна серија: Благоја Милевски по цели три години поразен во Скопје

322

Новата генерација на македонската фудбалска репрезентација до 21 година го забележа првиот пораз во квалификациите за Европското првенство во 2019. година, откако на домашен терен беше поразена од Србија.

По убедливата победа во првото коло на гостувањето кај Ерменија со 3:0, денеска на стадионот „Петар Милошевски“ во комплексот на ФФМ, македонските фудбалски надежи беа поразени од Србија со 2:0, а сето тоа придонесе да се стави крај на една долга и успешна серија.

Имено, архитектот на историскиот успех и пласманот на едно ЕП, Благоја Милевски, по цели три години загуби на домашен терен со репрезентацијата на Македонија.

Милевски пристигна во репрезентацијата во септември 2014. година и на вкупно 11 натпревари, пријателски и квалификациски, Македонија со него како селектор не знаеше за пораз. Македонија на домашен терен, под водство на Милевски, ги совлада репрезентациите на Бугарија, Романија, Црна Гора во два наврати, Украина, Австралија, Шкотска и Северна Ирска, а од пораз се спасија Белорусија, Исланд и Франција.

Инаку, откако е селектор на репрезентацијата на Македонија до 21 година, Милевски забележа 12 триумфи, шест нерешени натпревари и само три порази, од кои два на Европското првенство во Полска против апсолутните фаворити Португалија и Шпанија, како и на гостувањето кај Исланд на почетокот од историските квалификации. Од гостувањето во Рејкјавик, па се до Шпанија, Македонија одигра 14 натпревари и забележа 9 победи.