Кој ќе биде новиот тренер на МЗТ Скопје? Пипан, Мулаомеровиќ, Димитријевиќ и селекторот Давитков во игра

347

По вчерашниот пораз во вечното дерби од екипата на Работнички, стратегот на МЗТ Скопје, Александар Тодоров најави дека ќе си замине од „Јане Сандански“.

Според информациите, Тодоров уште вчера по натпреварот поднел оставка, за која ќе се одлучува во текот на денешниот ден на Управниот одбор на актуелниот македонски шампион.

Додека се уште нема официјални информации за тоа дали Тодоров ќе остане на клупата на МЗТ или ќе си замине, низ кошаркарската чаршија веќе започнаа да кружат муабети околу тоа кој ќе седне на клупата на македонскиот шампион.

Според неофицијалните информации на сајтот „basketball.mk“, главни кандидати се две странски и две домашни имиња.

Имено, поранешниот тренер на МЗТ Скопје и селектор на македонската кошаркарска репрезентација, Словенецот Алеш Пипан би можел да се врати во „Јане Сандански“. Под негово водство, во сезоната 2012/13 МЗТ Скопје го освои 7. место во АБА лигата, додека вториот пат си замина на стартот од сезоната 2015/16.

Второто странско име кое е во комбинација е Хрватот со босанско потекло, Дамир Мулаомеровиќ. Тој како тренер ги предводеше Слобода од Тузла во БиХ, а беше стратег и на Цибона во Хрватска. Зад себе има и селекторско искуство со оглед на тоа дека ја предводеше селекцијата на Босна и Херцеговина.

Опција за шампионот е и селекторот Јорданчо Давитков, кој поради обврските со репрезентацијата на Македонија доби отказ во Абу Даби. Моментот е идеален за двете страни, со оглед на тоа дека Давитков нема никакви обврски, а е во Скопје и веднаш може да се нафати за новата функција.

Второто домашно име кое се наметнува во целата комбинација е Саша Димитријевиќ кој има своја кошаркарска школа, а во минатото работеше во Работнички, а беше и креатор на проектот Балкан Стил.

Како и да е, MЗТ минува низ тежок период, пред се низ резултатска криза, бидејќи услови за успеси и кадар за такво нешто навистина има. На крајот на краиштата, потребно е и време за Тодоров да ја обликува екипата по свој вкус, но прашање е дали во МЗТ ќе имаат трпение за тоа, и ако немаат, кој ќе биде новиот предводник на македонскиот шампион.