Конечно му ја исполнија желбата на Конте: Челзи го купи Бакајоко!

3291

Играчот за врска на Монако Тијему Бакајоко од утре ќе биде нов фудбалер на Челзи по трансфер сагата која траеше повеќе од еден месец и им здосади на сите, а најмногу на Конте.

„Кнезовите“ и „Сините“ синоќа после полноќ конечно најдоа заеднички јазик и се согласија на трансфер вреден 45.000.000 евра.

„Радио Монте Карло“ јавува дека репрезентативецот на Франција во петок дефинитивно ќе пристигне во Лондон на лекарски прегледи и потпишување на договорот со шампионот на Англија.

Овој трансфер конечно би требало да го расположи и менаџерот на Челзи Антонио Конте, кој во текот на летото ја загуби трката за ангажирање на неколку свои желби, пред се Ромелу Лукаку кој замина во Манчестер Јунајтед. Интересно, во последно време се шпекулираше дека „Ѓаволите“ се подготвени да го украдат и Бакајоко пред Челзи, но Жозе Мурињо минатата недела се откажа од таа акција и практично му го отвори патот на Челзи до потписот на одличниот играч за врска.

Тијему Бакајоко на „Стемфорд Бриџ“ ќе настапува во тандем со сонародникот Нголо Канте, а ќе стане второто засилување на „Сините“ ова лето по дефанзивецот Антонио Ридигер кој неодамна пристигна од рома за 38.000.000 евра.

Исто така, останува да се види дали доаѓањето на Бакајоко во Челзи конечно ќе влијае на трансферот на Немања Матиќ во Манчестер Јунајтед. Искусниот играч за врска долго време важи за голема желба на Жозе Мурињо во Јунајтед, но „Сините“ поради одмазда за кражбата на Лукаку, одбија да го испратат на „Олд Трафорд“.