Кога срцето и душата се поголеми од финансиските проблеми: Фени го победи Кожув

553

Екипата на Фени Индустри денеска славеше на домашен терен против екипата на Кожув со 93:77, покажувајќи дека финансиските проблеми со кои се соочува клубот не се пречка за кошаркарите да покажат храброст на паркетот и да слават победа.

Судбината на некогашниот шампион од Кавадарци е под знак прашалник, но тоа сепак не беше проблем за избраниците на тренерот Малинков да дојдат до победата на домашен терен против гевгелиски Кожув.

Наместо да протестираат и да се откажат од играње, неисплатените плати и долгови кошаркарите на Фени ги искористија како дополнителен мотив во дуелот со Кожув, каде дојдоа до заслужен победа по фантастичната игра.

Уште во првото полувреме Фени дојде до двоцифрена предност, откако на полувремето заминаа со 11 поени разлика (48:37). Во второто полувреме само продолжија со добрата игра, а разликата се повеќе и повеќе се зголемуваше во корист на кавадарчани.

Горјан Марковски беше најдобар поединец кај домашниот тим со 28 поени, а искусниот Јане Петровски заврши со 18 поени и осум асистенции. Кај Кожув најефикасен беше Мишковиќ со 18 поени.