Клоп најави голем шопинг на Ливерпул: Имаме пари и ќе трошиме за нови играчи

1565

Германецот вели дека Ливерпул е доволно силен кога неговите 11 најдобри играчи се подготвени.

Уште победа во последното коло против Мидлзборо и Ливерпул ќе ја оствари целта – пласман меѓу четирите најдобри во Премиер лигата.

А потоа би требало да следува исчекор и пласман во Лигата на шампионите преку плеј-офот.

„Како што реков и претходно, Лигата на шампионите е прекрасно натпреварување. Таму можете да заработите навистина многу пари. Тие пари ги немавме минатата година. Тоа е важен дел од приказната. Сепак, ние сме клуб без финансиски проблеми и се наоѓаме во добра позиција. Имаме пари за трошење, но сметаме дека секогаш треба да размислиме пред парите да ги потрошиме“, изјави Јирген Клоп во пресрет на својот јубилеен 100-ти натпревар на клупата на Ливерпул.

За играњето во најквалитетното натпреварување на Ливерпул ќе му бидат потребни засилувања. Минатото лето ги доведоа Сане, Вајналдум, Матип, Клаван, Грујиќ… Се очекува доаѓање на уште новајлии престојното лето, а прва мета е чудото од дете на Фулам Рајан Сесењон.

„Имаме многу добар тим кога нашите најдобри 11, 12 или 13 играчи се во форма. Но, постојат неколку интересни играчи „таму“ и бидете сигурни дека разговаравме со дел од нив. Имаме пари за засилувања и бидете сигурни дека веќе работиме на тоа“, порача Клоп.

Покрај Сесењон, на мета на Ливерпул, според информациите на англиските медиуми, се и Вирџил ван Дајк, Александре Лаказет, Даглас Коста, Мохамед Салах, а дури се споменува и Килијан Мбапе за кого Монако ја одбил првичната понуда на Ливерпул од 75.000.000 евра.