КК Работнички ќе добие нова модерна сала

274

Нова модерна сала ќе добие  КК “Работнички”, откако Општина Центар денеска  распиша конкурс за идејно решение за „Повеќенаменска спортска сала во Градски Парк“. Новиот дом на најтрофејниот домашен кошаркарски клуб ќе биде со капацитет од 3000 гледачи и ќе се наоѓа на местото на сегашната сала и поширокото окружување.

Објектот ќе биде повеќенаменски, изграден по сите светски стандарди за овој тип градби. Во него ќе се одржуваат тренинзи и натпревари за кошарка, ракомет, одбојка, мал фудбал, боречки вештини и тенис.

Салата ќе располага со амбуланта за итна помош, фитнес центар, помошна сала, клупски простории и кабинети по физичко, простории за масажа и физиотерапија, перална, како и прес центар, коментаторски кабини и соба за режија.

Предвидено е да има три групации на соблекувални со тушеви и санитарии во склоп на соблекувалните.

За гледачите и посетителите ќе има фан шопови, гардероби, ресторан, кафетерија и игротека. Во салата се предвидени и канцеларии за спортски федерации, просторија за ВИП гости, кацеларии за управа, архива и сала за состаноци.

Надземниот паркинг ќе овозможува паркирање на минимум три автобуси и еден камион, додека подземниот паркинг ќе биде со капацитет од 150 до 200 возила за потребите на спортистите.

Проектот ќе се реализира по пат на јавно-приватно парнерство, а идејното решение ќе се избере на конкурс.