Катастрофа: Втор пораз на Македонија, Естонија славеше среде Скопје

790

Македонската кошаркарска репрезентација повторно ги разочара сите и доживеја катастрофа во вториот натпревар од претквалификациите за Светското првенство.

Македонија, иако важеше за фаворит во групата, повторно беше поразена, овојпат од репрезентацијата на Естонија и тоа на домашен терен со 76:80. Иако конечниот резултат не е убедлив, фактот што Македонија не успеа да совлада една Естонија, со секоја почит за противникот, е катастрофа за нашата репрезентација во овие претквалификации.

Македонија добро го започна натпреварот, па првата четвртина ја заврши со убедливи 29:17 и според играта, се чинеше дека нашата репрезентација ќе дојде до рутинирана и убедлива победа, со што ќе ја оправда фаворитската улога.

На почетокот од втората четвртина нашата репрезентација продолжи во ист ритам, па во еден момент Македонија дојде до највисоката предност на овој натпревар од плус 13. Сепак, набрзо потоа започна да се топи предноста на нашата репрезентација. Естонците влегоа во поентерска серија, нашите кошаркари немаа решенија во нападот, па на крајот Естонија возврати со иста мера за првата четвртина, успевајќи да ја анулира негативата од 13 поени и со 26:13 прејде во водство од еден поен на полувремето, односно вкупно 42:43.

Второто полувреме нашите кошаркари го започнаа во добар ритам, експресно се вратија во водство и во најголемиот дел од третата четвртина имаа предност, иако во најголем ддел тоа беше минимално водство. Сепак, Естонците на крајот успеаја да ја добијат и третата четвртина за водство од 61:63.

Единственото нешто што успеа да го направи нашата репрезентација во последната четвртина е да го израмни резултатот, се потоа беше во знакот на Естонците кои погодуваа буквално се, додека нашите репрезентативци мака мачеа да ја пробијат одбраната на балтичката држава.

На крајот, Естонија славеше со 80:76, што е уште еден катастрофален резултат за нашата репрезентација, по поразот од Косово во првиот натпревар од претквалификациите.

Мора да се напомене дека и судиите во еден период наметнаа чуден критериум, па по неколкуте грешки во четвртата четвртина кога Македонија бркаше негатива, досудија техничка грешка за селекторот Јорданчо Давитков, иако неговата реакција не беше за такво нешто.

Најголемиот проблем за нашата репрезентација на овој натпревар претставуваа слободните фрлања, но и реализацијата на Џордан Теодор кој заврши со 13 поени, но имаше 4 погодени шутеви од 13 обиди. Капитенот Војдан Стојановски беше најдобар во нашите редови со 26 поени, а ветераните Тасовски и Чековски завршија со по девет поени, најголемиот дел од нив беа и клучни на моменти.