Карпош Соколи ја прегазија Крка за четврта победа во АБА лигата

663

Екипата на Карпош Соколи дојдоа до четвртата победа во регионалното кошаркарско натпреварување, со што се израмнија на табелата со МЗТ Скопје, откако на домашен терен ја декласираа Крка со убедливи 83:56.

„Соколите“ ја најавија победата уште во првата четвртина и го трасираа патот кон убедливиот триумф. Избраниците на тренерот Николиќ уште во првиот квартал си создадоа убедлива предност која до крајот на мечот само ја одржуваа и зголемуваа, со што во ниту еден момент не ја доведоа до прашање победата (25:16). Во втората четвртина исто така играчите на Карпош Соколи играа одлично и ја одржуваа предноста за на полувреме да се замине со 40:26.

Во третата четвртина Соколи го најавија дебаклот на словенечка Крка, добивајќи го овој период од играта со 24:13, па во последната четвртина се влезе со 64:39, по што победникот веќе беше решен. Последната четвртина беше само рутина за македонскиот претставник во АБА лигата и на крајот Карпош славеше убедливо со +27 поени разлика.

Предводник на „Соколите“ во овој триумф беше Лабовиќ со 24 поени, со 19 поени го следеше Вркиќ, а Бојан Трајковски заврши со 12 поени и 8 скока.

По оваа победа, Карпош Соколи се израмни со МЗТ Скопје и ФМП на табелата, со што го избегнаа дното на табелата.