Карачиќ: Не може тим кој игра на фајнал-фор од ЛШ да не ја освои домашната титула

1455

Ракометарите на Вардар направија голем исчекор кон одбраната на титулата на домашната сцена.

Синоќа во вториот меч од суперлигашкиот дел на домашното првенство го декласираа големиот ривал Металург и дојдоа на чекор до шампионскиот трофеј. Задоволството од настапот по средбата не го криеја ракометарите на „Црвено-црните“.

„Бевме феноменални како и со Флензбург. Ја подобривме формата на последните натпревари и тоа ме радува. Константни сме цела сезона, немаме некои падови, а ни се случи само оној пораз во Автокоманда кој не подигна од мртвите и потоа се вративме во најдобра форма. Навистина ќе беше срамота еден тим кој се бори за титула во Лигата на шампионите да не ја освои титулата во Македонија“, изјави по средбата Игор Карачиќ.

Задоволството од победата не го криеше ниту пикерот Марсениќ.

„До последниот меч треба да бидеме сериозни, но ако играме и се бориме како денеска, мислам дека нема да има никакви проблеми во сезоната и во лигата и во купот. Среќен сум секако, затоа што навистина ќе беше глупаво да не ја крунисаме оваа сезона со титулата во лигата. Ќе продолжиме да работиме до крајот, ќе се трудиме да ги одбраниме титулите и на крајот оваа фантастична сезона да ја крунисаме со добар резултат во Келн“.