Историјата на Вардар во Лигата на шампионите: Негативен биланс, а Спарта Прага е голем непребол

1834

Вечерва со почеток од 19:00 часот во Малме ќе го одигра својот прв натпревар од второто квалификациско коло во Лигата на шампионите против истоимениот шведски шампион.

Тоа за Вардар ќе биде 21. натпревар во Лигата на шампионите во 70-годишната историја, но без позначаен успех. Досегашниот биланс е прилично негативен, со оглед на тоа дека Вардар има само три победи, седум нерешени натпревари и дури 10 порази, а гол-разликата е 23:34.

Навивачите на Вардар се уште ќе ја паметат 2003. година и елиминацијата на гигантот ЦСКА Москва, како и несреќната елиминација од Спарта Прага.

По повод вечерашниот дуел против Малме, Вардар на својата официјална веб-страна потсети на сите досегашни искуства во КЕШ и ЛШ.

Дебито на Вардар во Лигата на шампионите, односно во тогашниот Куп на Европски шампиони се случи во 1987 година, кога и покрај тоа што судот на Југославија му ја врати титулата на Партизан, Вардар доби признание од УЕФА и настапи во КЕШ. Порто дојде во Скопје како актуелен првак на Европа освојувајќи ја титулата со победата над Баерн Минхен во мај истата година во финалето во Виена. Тогаш не постоеја квалификации, туку се играше во нокаут фаза од почеток до крај.

Вардаровата генерацијата предводена од тренерот Андон Дончевски, беше два пати поразена од 3:0 најпрво на гостински, а потоа и на домашен терен. Предводени од Дарко Панчев, Љупчо Марковски, Мирко Спасески, Момчило Грошев, Вујадин Станојковиќ и многу други познати имиња, Вардаровиот тим не можеше да му се спротивстави на тогашниот европски шампион, со што неуспешно го заврши својот прв настап меѓу најдобрите.

На второ учество на Вардарци во Лигата на шампионите, се чекаше дури цели 15 години. Во 2002 година Вардар стана првак на Македонија, и во првото квалификациско коло играше со Дуделанж од Луксембург. Токму во таа година „Црвено-црните“ успеаја за прв пат да минат едно квалификациско коло од ЛШ. Првиот меч на гости заврши 1:1. Ремито за нашата екипа го донесе Славчо Георгиевски кој што влезе од клупата и донесе израмнување после водството на противникот.

Избраниците на Ѓоко Хаџиевски на реваншот во Скопје дојдоа до триумф од 1:0, благодарение на голот на Димитар Спасовски во 70. минута од мечот. Следен противник во второто квалификациско коло беше Легија Варшава од Полска. Патникот во следната фаза беше јасен уште по првиот меч во Скопје кој што заврши со победа на Полјаците од 1:3. Легија поведе со 0:2, за Дејан Ристовски да намали на 1:2, а потоа гостите стигнаа до 1:3. На реваншот беше нерешено 1:1, а единствениот гол за нашата екипа беше дело на Рожерио Оливеира.

Следната 2003 година ќе се покаже како историска за Вардар во настапите од Лигата на шампионите. Тоа лето „Црвено-црните“ го направија својот најголем успех во својата европска историја. Вардарци лесно ја минаа првата пречка во видот на аматерскиот Бери Таун од Велс. Вардар дома триумфираше од 3:0 (Ристовски, Вандаир два гола), за на гости да доживее безболен пораз од 2:1. Стрелец на голот за Вардар на реваншот беше Оливеира.

Следен противник беше моќната руска екипа ЦСКА Москва. Гостувањето во Москва за Вардар беше повеќе од успешно. „Црвено-црините“ дојдоа до триумф од 1:2 кој што ги донесе на прагот на пласман во 3. квалификациско коло, тогаш последен „филтер“ до групната фаза. Вардар поведе со 0:2 во Москва со головите на Грозданоски и на Вандаир, за во финишот противникот да намали на 1:2. Реваншот во Скопје пред тогашниот полн „Градски стадион“ беше исто така исклучително тежок. Особено што ЦСКА поведе со 0:1, а потоа „експлозија“ од страна на најефикасниот вардаров стрелец во европските Купови, Вандаир кој што донесе израмнување и пласман во следната фаза.

Следниот протвник на Вардар беше Спарта Прага. Вардар се покажа како „тврд орев“, и само нијанси одлучуваа за чешкиот тим да се пласира во следната фаза. Првиот меч се одигра на домашен терен во Скопје. Спарта дојде до водство од 0:2 со гол на Карел Поборски, а потоа и оној контроверзен погодок на Глушчевиќ од слободен удар. Во второто полувреме следуваше ерупција „Градскиот стадион“ кога Вардар, сепак, се врати во игра и израмни на 2:2 со головите на Георгиевски и на Оливеира. Сепак Поборски во финишот ги скрши срцата на многубројните навивачи и донесе триумф од 2:3. Реваншот во Прага го „отвори“ Вардар со гол на Георгиевски во 31. минута. Радоста траеше само две минути откако Спарта израмни само две минути подоцна. „Црвено-црните“ не се предадоа и стигнаа и до второ водство. Блесинг погоди во противничката мрежа за водство од 1:2, а потоа Спарта успеа да дојде до израмнување во 85. минута. Во текот на мечот Вардар имаше многу шанси да го направи уште поголем успехот, но за жал не успеа.

Четвртото учество на Вардар во ЛШ се случи во 2012 година. Противник на Вардар беше БАТЕ Борисов од Белорусија, а ждрепката сакаше првиот натпревар да се игра на гостински терен. На крајот ќе се покаже како еден од најдрамитичните мечеви во историјата на нашиот најтрофеен клуб. Имено, Вардарци на гостински терен имаа водство од 1:2 се до 90. минута. После водството на БАТЕ, Вардарци со головите на Остоја Стјепановиќ и на Јован Костовски направи пресврт и беше на чекор од голем триумф на гостински терен и голем подвиг кон следното коло, а се случи најтешкиот пораз во последните неколку години. Судиското надополнување беше во тек, и кога сите беа подготвени за славје, во 92-та и во 94-та минута БАТЕ со два брзи гола успеа да стигне до триумфот. На реваншот за Вардар беше потребна и минимална победа за пласман во следната фаза, но по неколкуте неискористени шанси, мечот заврши со 0:0 и Вардар несреќно беше елиминиран.

Веќе следната година Вардар повторно беше учесник во „елитата“, овојпат против некогашниот европски првак Стеауа Букурешт. Првиот меч во Романија заврши со триумф на тогашниот романски првак од 3:0, со што во голема мера имаше обезбедено учество во следната фаза. Во Скопје Стеауа поведе со 0:1, Костовски израмни, меѓутоа Вардар на крајот не успеа да дојде барем до нерешен резултат. Доживеа пораз од 1:2, и беше елиминиран во првата фаза од Лигата на шампионите.

Вардар во 2014 година паузираше од настап во ЛШ, а не големата сцена се врати во 2015 година. Противник на нашата екипа беше кипарски АПОЕЛ. После првиот натпревар „Црвено-црните“ имаа одличен резултат. Вардар во Никозија ја сочува мрежата, благодарение на одбраните на голманот Томе Пачовски и мечот заврши со 0:0. Следуваше реваншот во Скопје кој даваше голема надеж за Вардарци дека конечно ќе го минат второто коло. Тимот предводен од Сергеј Андреев, сепак, прими гол на домашен терен, а пред самиот крај од мечот Благоја Љамчевски го израмни резултатот, но тоа беше недоволно за да се мине понатаму.

Лани нашиот тим во ЛШ се сретна со Динамо Загреб. Противник кој што стигна до триумфот во Скопје со 1:2. И покрај тоа што многумина сметаа дека реваншот ќе биде само формалност, Вардар храбро се спротивстави на предизвикот и имаше два пати водство. Велковски најпрво погоди за 0:1, а по израмнувањето на Динамо, автоголот на загрепчани донесе ново водство на Вардарци. Сепак, потоа тогашниот хрватски шампион стигна до пресврт и до победа, со што продолжи понатаму во Лигата на шампионите, а подоцна стигна и до групната фаза.

Вардарци денеска ја имаат осмата шанса да ја остварат својата цел и да стигнат до толку посакуваниот пласман во групната фаза од едно европско натпреварување. Со среќа момци, и донесете радост од Малме!