Исповест на директорот на Интер: Можеме да го купиме и Роналдо, но тимот е поделен на кланови

3091

Човекот од клубот објаснува која е разликата во однос на Јувентус и зошто Интер не може да се опорави.

Ниту 150.000.000 евра потрошени на засилувања во претходните два преодни рока не му помогнаа на Интер да се издигне над просекот. Ова ќе биде уште една сезона за заборав во која уште повеќе ги разочараа своите навивачи…

Новите сопственици од Кина издвоија значителни финансиски средства, но Интер влечеше некои други лоши потези.

„Ја започнавме сезоната со ентузијазмот на новата управа, со тренер кој ги мина подготвките, а потоа една недела пред почетокот на првенството го сменивме тренерот и доведовме стратег кој не знае ништо за италијанскиот фудбал. Знаевме дека тоа не е паметен потег. Моравме да почнеме од почетоко со планот за тренинзи, повторно да започнеме со запознавање на тренерот и екипата…“, признава директорот на Интер Пјеро Аузилио.

Тој истакнува дека Интер нема лош тим како што говорат резултатите.

„Сите кои сега велат дека имаме слаб тим во пресрет на сезоната говореа дека ќе бидеме најголемата закана за Јувентус и дека имаме добар тим. Тоа го зборуваа и Алегри, и Сари, и Спалети… Но, ако не играме добро, тогаш тоа е ирелевантна работа“.

Меѓутоа, проблемот е во атмосферата помеѓу играчите.

„Не е вистина дека овие момци не тренираат напорно секој ден. Но, нема тука заеднички дух… Не успеаја да создадат силна група. Тие се различна генерација, националност, воспитување… Екипата е поделена во неколку мали групи во кои многумина сакаат да мислат само на себе“.

Токму тоа е она што ја прави разликата во однос на Јувентус.

„Јуве сега е силен, но ќе ги видиме кога ќе останат без тие четворица или петмина кои се ‘рбетот на тимот и кои им даваат карактер и менталитет. Такви играчи не се купуваат на пазарот. Ние така останавме без Камбијасо, Занети, Милито, Самуел…“.

Директорот на Интер подвлекува разлика и во финансиските капацитети.

„Денеска не е возможно да се потрошат 200.000.000 или 300.000.000 евра во преоден рок. Новите сопственици од Кина би можеле да си дозволат да го купат Кристијано Роналдо и најдобрите играчи на светот, но тоа не е изводливо бидејќи имаме финансиски фер-плеј. Мораме да го почитуваме селари капот. Нашите приходи се помеѓу 200.000.000 и 230.000.000 евра, додека Јувентус има 400.000.000 евра. Се обидовме да го доведеме Дибала, но понудата на Јувентус беше повисока за 20.000.000 евра. По испаѓањето во 2006. година, Јувентус работеше на специфичен модел на работење и се фокусираше на унапредување на сопствената школа. Изгради стадион, ги подигна приходите и сега може да понуди повеќе пари на играчите“.

Доста се нагаѓа и за тоа кој ќе дојде на клупата на Интер бидејќи нереални се желбите за доаѓањата на Симеоне, Конте, Покетино…

„Мораме да се соочиме со реалноста на пазарот бидејќи голем број тренери во Атлетико, Тотенхем или Челзи се зафатени со договори“.