Исповед на големиот Алекс Фергусон: Баер Леверкузен ми го зададе најболниот удар во кариерата

6309

Во последниот ден од 2016, Алекс Фергусон ќе наполни 75 години.

Веќе три сезони не е активен во фудбалот, но и натаму е една од најважните појави во историјата на овој спорт. Речиси 27 години помина на клупата на Манчестер Јунајтед, имаше безброј битки, а освои 38 трофеи, бројка што тешко дека некој ќе ја достигне во иднина. Многу пати трпел болни порази, губел титули во самиот финиш од сезоната, но како најголем удар памети еден двомеч – од Лигата на шампионите.

Станува збор за полуфиналниот дуел во 2002 година кога за противник го имаше Баер Леверкузен со Балак, Лусио, Бут, Бербатов, Нојвил, Баштурк, Зе Роберто, Рамелов итн. Јунајтед беше апсолутен фаворит, но првиот меч на Олд Трафорд заврши 2-2, а во Леверкузен беше 1-1, па Баер обезбеди пласман во големото финале.

“Единствено за што жалам е што не го одведов Јунајтед во финалето од ЛШ 2002 година. Целата возбуда беше околу тоа што се играше во Глазгов, дури пред натпреварот со Баер заминав таму за да ги разгледам хотелите и најдов еден за нас. Кога се враќав кон Манчестер, си реков: ‘Зашто го направив тоа, не ми се допаѓа’. И го загубивме полуфиналето, но таков е животот”, вели Фергусон.

Во финалето се сретнаа Баер Леверкузен и Реал Мадрид. Победија “кралевите” со 2-1, а победничкиот гол го постигна Зидан со волеј, еден од најубавите погодоци во историјата на Лигата на шампионите.