Интер добива бесплатен тандем врвни Бразилци, а тетовецот Рамадани ќе им го „блиндира“ голот

1281

„Неразурите“ имаат сериозни планови за зимскиот преоден рок.

Интер летоска не одработи преоден рок каков што очекуваа навивачите, бидејќи немаше звучни имиња кои пристигнаа на „Џузепе Меаца“, но се испостави дека „Неразурите“ повлекле вистински потези и доведоа играчи кои им беа потребни.

Големи засилувања немаше и поради ветото на вложување во странство кое газдите на Интер го добија од кинеската влада.

Се уште не е познато дали сопствениците на Интер во јануари ќе добијат зелено светло за големи вложувања во Интер, но засилувања секако ќе има. Можеби дури и бесплатни, а сепак звучни. Компанијата „Сунинг“ која е сопственик на Интер и кинескиот суперлигаш Џијангсу може да биде мост за трансфер на двајцата Бразилци во Милано. Алекс Тешеира веќе некое време се споменува како зимско засилување за Интер, а сега и неговиот сонародник Рамиреш влегува во опција.

Двајцата играат за Џијангсу, но би можеле да добијат зелено светло за преселба во Интер во јануари. Тие би дошле на позајмица, па „Сунинг“ на овој начин не би ја прекршил забраната за големи инвестиции во странство.

Тренерот Спалети нема ништо против ваквите засилувања, директорите Сабатини и Аузилио се загреани за идјеата, се чека само согласност од тренерот на Џијангсу Фабио Капело. Ако Дон Фабио даде зелено светло, Интер може да смета на две звучни засилувања за јануари.

Во меѓувреме, „Неразурите“ започнаа преговори и со познатиот фудбалски агент од Тетово и поранешен менаџер на Шкендија, Фали Рамадани, околу новиот договор за Самир Хандановиќ. Летоска Рамадани избоксува голем договор за Иван Перишиќ, а сега го застапува и словенечкиот голман. Спалети инсистира тој да остане во тимот и го смета за еден од лидерите, а Рамадани бара нов договор до 2021. година за Словенецот. Хандановиќ тогаш ќе има 37 години, но со оглед на тоа како брани и во четвртата деценија, делува дека Интер и тогаш ќе може комотно да се потпре на неговите услуги.