Интер ги додава последните две коцки во мозаикот за атак на „Скудетото“!

1974

Апетитите во Интер пораснаа по добрите резултати. Тренерот Лучијано Спалети бара уште двајца играчи од управата во јануари и е убеден дека „Нероазурите“ можат да се борат за титулата.

Интер е во врвот на Серија А и одамна немал подобра сезона. Спалети ги држи работите под контрола, а предноста на неговата екипа во однос на Јувентус, Наполи и Рома е што игра само еден натпревар неделно, односно нема обврски во европските натпреварувања.

Заморот ќе ги пристигне другите екипи, а на Интер му се потребни уште двајца играчи за да може да одговори на предизвикот.

Едно засилување мора да има во одбраната, односно да биде алтернатива за Шринијар и Миранда. Сити им го нуди Елијаквим Мангала, но тој не влева доверба во таборот на Интер. Како опција се наметнува Беналуан од Лестер кој одлично ги познава приликите во Серија А, а би пристигнал на позајмица до крајот на сезоната.

Третата можност е Вермален за кого е јасно дека нема место во Барселона, но тој пречесто е повреден. Како и да е, Интер не сака да троши премногу пари, пред се поради недостатокот на финансии поради финансискиот фер-плеј.

Второто засилување кое го бара Спалети е играч за врска, каде конкуренцијата и онака е преголема. Прва мета е Пасторе од ПСЖ, но „Светците“ сакаат да го продадат, а не да го позајмат. Ниту во Интер не се толку загреани за Аргентинецот, бидејќи е далеку од некогашната форма од Палермо.

Втората варијанта е Рамиреш од Џангсу кој се чини е најблиску до Интер, а неговиот трансфер нема да претставува проблем, бидејќи би пристигнал на позајмица, со оглед на тоа дека кинескиот клуб и Интер се во сопственост на ист газда – компанијата „Сунинг“.

Во секој случај, тој наскоро треба да се појави во Милано, да тренира со екипата и ако ги задоволи вкусовите на Спалети, на 1. јануари ќе потпише шестмесечен договор со Италијанците.