Интервјуто кое се чекаше – Мино Раиола: Џиџо сакаше да остане, ова е моја одлука, имаме закани со смрт

4225

Контроверзниот менаџер ги избра новинарите до кои ќе се обрати и до детали ја раскажа својата верзија на приказната околу Донарума и Милан.

Конечно, приказната која ја тресе Италија и европскиот фудбал во претходните денови го доби својот зенит. Сагата околу Џанлуиџи Донарума и неговото одбивање на договорот достигнува точка на вриење откако по првпат во јавноста по тој повод излезе и главниот „негативец“ во приказната – Мино Раиола!

Неколку дена откако на состанокот со челниците на Милан во име на Донарума соопшти дека младиот голман не сака да го продолжи договорот кој му истекува во летото 2018. година, Раиола ја раскажа својата верзија од приказната. Наполитанецот излезе во јавноста на начин кој што тој избра.

Раиола вчера реши да избере тројца новинари со кои ќе има интервју околу случајот на Донарума. Ги избра ТВ гигантите „Раи“, „Медијасет“ (во сопствеништво на Берлускони) и „Скај Спорт“. Тројцата новинари од овие медиумски сили ги доведе во Монте Карлоо каде со него направија интервју, а секој имаше право на неколку прашања и ги задржа ексклузивитетот на тие одговори. Четвртата ТВ станица „Спортиталија“ го оди повикот бидејќи не ги прифати условите Раиола да зборува само кога нему му одговара и во етерот да оди само она што нему му одговара…

Интересно е дека Раиола ги одби претставниците на печатените медиуми на кои на Апенините и понатаму повеќе им се верува отколку на ТВ или интернет медиумите. На состанокот со новинарите задоцни час и 45 минути и условот беше интервјуто да биде емитувано во полноќ со цел печатените медиуми во првото издание следното утро да ги немаат неговите одговори. Бирањето на новинарите од страна на Раиола, веќе меѓу навивачите предизвика сомнежи бидејќи социјалните медиуми зборуваат за најнаместеното интервју некогаш.

Но, поентата сепак не е како и под кои услови дојде до интервјуто, туку што Раиола изјави.

„Ситуацијата стана насилна и непријателска, така што немаше друг излез. Одговорот беше негативен поради нивното однесување во јавноста и креирање на непријателска атмосфера кон мојот клиент и мене“, гласи едно од објаснувањата на Раиола.

А потоа започна со деталите за мотивот.

„Донесовме одлука која не сакавме да ја донесеме. Тоа нема никаква врска со парите. Ни се закануваа. Се закануваа на семејството на Донарума. Нему му се закануваа дека нема да игра, па дури му се закануваа и со смрт. Не можете да очекувате да задржите играч ако му се заканувате“, изјави Раиола, но не е јасно дали мисли на закани од навивачите или клубот го правел тоа.

Медиумите во претходните денови доаѓаа до сознанија дека Раиола барал 8.000.000 евра по сезона за Донарума (најплатени играчи во Серија А се Игуаин и Дибала со по 7.500.000 евра годишно, а Карлос Бака во Милан со 3.500.000) и откупна клаузула од 50.000.000 евра ако Милан не се пласира во Лигата на шампионите. „Росонерите“ понудија 5.000.000 евра годишно за Донарума и клаузула од 100.000.000 евра која ја има и Белоти во Торино.

„Парите не се проблем бидејќи до истите воопшто не дојде за да биде проблем. Никогаш не ни зборувавме за парите или клаузулите бидејќи не ни беше дозволено да дојдеме толку далеку во преговорите. Не ни беше ни да размислуваме за тоа што е најдобро за Џиџо. Проблемот не беше од економска природа, бидејќи кога две страни сакаат да најдат заеднички јазик, тие ќе го најдат. За клаузулите и сличните работи се зборува кога ќе се завршат 90 проценти од преговорите. Гледам дека тие одат наоколу со буџетот за доведување на топ играчи, а топ играч имаат во домот. Знам дека би успеал да направам финансиски договор за двете страни да бидат задоволни, но до тоа никогаш не дојдовме“.

Раиола ја разреши и дилемата која владееше за тоа кој ја донел конечната одлука – тој или Донарума?

„Беше подготвен да потпише нов договор. Немаше никакви дилеми во главата. Сакаше. Но тие и опкружувањето кои го направија не присилија да ги напуштиме преговорите. Јас ја преземам целосната одговорност. Одлуката е 100 проценти моја. Џиџо во една прилика ми рече: Мино, искрено мислам дека можеби и не е најдобро да ги продолжиме преговорите кога овие луѓе не навредуваат и ми се закануваат на мене и моето семејство“, И јас пресеков!“.

Како пример за заканите го наведе транспарентот на навивачите на кои им здосади одолговлекувањето од Донарума и молчењето на сите напори на клубот да го задржат.

„Го следевме однесувањето на јавноста во претходните недели. Погледнете го само овој пример, пред клупската зграда имаше транспарент со навреди. Сериозен клуб треба да го заштити својот играч од такви транспаренти и да ги тргне. Донарума почувствува дека заслужи извинување кое не го доби. Веројатно клубот би требало да го поддржува играчот и да го охрабрува во текот на кариерата, а не да му се заканува дека ќе го избрка на трибините“.

Раиола тврди дека немало никакви преговори со Јувентус, Реал Мадрид и ПСЖ како што Италија грмеше во претходните денови, а во случајот со Јувентус и со месеци. Особено поради односот на Раиола со Јувентус од кој наплати преку 40.000.000 евра провизија од трансферот на Погба во Јунајтед и пријателскиот однос со клупскиот функционер и свој долгогодишен клиент Павел Недвед.

„Не зборував со ниту еден од големите клубови. Со никој од нив немаме договор. Веќе имавме понуди од нив кога имаше 14 години и кога го сакаа Реал, Јувентус и останатите гиганти. Да сакаше да си оди, можеше да оди тогаш. И сите вас ве уверувам сега дека нема да има голем трансфер во поскоро време бидејќи со никого немаме преговарано“.

Милан речиси една година вршеше притисок за продолжување на договорот, но Раиола прво го одбиваше Галијани со зборовите дека ги чека новите сопственици за така сериозна тема, а потоа ги преиспитуваше амбициите и сериозноста на новите сопственици. Кога тие експресно потрошија 100.000.000 евра на засилувања и покажаа сериозност, му го избија тој адут од раката.

„Веќе претходно им ветив и им гарантирав дека нема да си одиме без обесштетување и да не се плашат дека Џиџо ќе чека да стане слободен играч. Така што немаше потреба да се брза со потпишувањето на новиот договор. Сакав посериозен и поадекватен пристап на клубот во целата работа. Не натераа да носиме одлуки на кои не бевме подготвени. Зата донесовме одлука и го одбивме договорот“.

Раиола призна дека еден од проблемите е неговиот личен однос со новиот спортски директор на Милан Масимо Мирабели со кој не се сложуваше ни во минатото кога Мирабели беше вработен во Интер. Се шпекулираше дека Мирабели чекајќи го Донарума да донесе конечна одлука, го загубил трпението и директно го контактирал таткото на Донарума. Му побарал да каже каков е ставот на семејството и да кажат на што е клубот.

„Вистина е, воопшто не се сложува со Мирабели. Ни сме два целосно различни света. Тоа што тој го прави е на граница на мобинг. Ако веќе не ја минал таа граница… Не ги делам истите вредности кои тој ги дели, нема да толерирам такво однесување и нема да му дозволам да се извлече со ова туку така“.

На клучниот состанок во Каза Милан кога Раиола ја соопштил одлуката дека Донарума не прифаќа нов договор и кој го напуштил по само 40 минути, Мирабели не бил ни присутен. Раиола зборувал со генералниот директор Марко Фасоне, првиот човек од доверба на новите кинески сопственици.

„Со Фасоне немам никаков проблем. Не сакам да влегувам во војна со Милан, но во овие околности не гледам како ова поинаку ќе се разреши. Ни дадоа ултиматум да одговориме до 13. јуни. Им одговоривме“, вели Раиола иако конечниот одговор на Милан му беше доставен во четврток на 15. јуни откако претходните два дена (кога истекол рокот) владеела тотална конфузија и навивачите во тие два дена загубија најмногу трпение со Донарума поради неговото молчење.

Една од причините поради кои Раиола одлучил да ги расипе врските со Милан е можеби и тоа што новиот сопственик Јонгхонг Ли не сакал директен состанок со него, бидејќи не сака со никого да преговара лично за трансфер политиката и за таквите работи ги овластил Фасоне и Мирабели кои и ги постави како луѓе од доверба за таа работа.

„Да, сакав да бидам подетално запознаен со плановите на проектот на Милан бидејќи станува збор за иднината на мојот клиент. Според моето мислење, тие сосема погрешно се поставија. Беа премногу арогантни, не ми се допадна нивниот тон, однесување и начинот на работа. Им гарантирав дека играчот нема да си оди без обесштетување и мислев дека ги смирив, но тие не разбраа. Ова не требаше да биде приказна за тоа кој кому ќе му украде играч. Но, тие тоа така го сфатија и мислеа дека ќе им мине. Не знам, можеби не сум доволно убедлив и јасен…“.

Раиола своето го направи, сега Милан е на потег. Дали ќе го продаде Донарума за 25.000.000 или 30.000.000 евра што е повеќе од двојно помалку од неговата реална вредност или ќе го прецрта и ќе го испратат цела сезона на трибините.

„Вистина, сега постои тој ризик дека ќе ја загуби целата сезона. Според неговите квалитети тоа е невозможно, но ова веќе дојде до граница на мобинг. Кога другите луѓе се мешаат во работата на тренерот, тогаш се е возможно…“.

Дека Милан не смета на Донарума за следната сезона, говори и тоа веќе бараат нов голман и дека се блиску до доведување на Перин од Џенова.

„Бараат голман? Ок, имаат право на тоа. Нека бараат. Што се однесува до мене, можат да доведат уште седум голмани, немам никаков проблем со тоа“, заврши Раиола.

Тоа беше верзијата на Мино Раиола која синоќа на полноќ беше емитувана на трите најголеми италијански ТВ станици. Некои му веруваат, некои не. Сепак, кога ќе се подвлече линија зад Раиола не стои биографина на менаџер чии играчи се верни на клубовите. Ибрахимовиќ, Погба, Балотели, Мхитарјан, Максвел и останатите често беа во војна со клубовите на чиј платен список биле во тој момент. И секогаш благодарение на Раиола успеваа да се изборат за трансфери, а тој за своја провизија.

Единствениот кој избра љубов кон клубот пред советите на Раиола е Марек Хамшик. Кога Мино Раиола се обидуваше да го убеди на трансфер во Јувентус пред две години, Хамшик одби и ја раскина соработката со него бидејќи сакаше сам да одлучува за својата кариера. Меѓутоа двајцата родени Наполитанци, Раиола и Донарума лесно најдоа заеднички јазик во кој Раиола по сопствено признание на крајот ја носи конечната одлука за тоа каде фудбалерот ќе игра.