Илија Несторовски е „измислен“ за Дибала, Кавани, Белоти…

5553
during the Serie A match between US Citta di Palermo and AC Milan at Stadio Renzo Barbera on November 6, 2016 in Palermo, Italy.

Македонскиот фудбалски репрезентативец Илија Несторовски е најголемата ѕвезда на Палермо во моментов и вистински хит во италијанската Серија А.

Откако на натпреварот со Наполи Несторовски му донесе значаен бод во трката за опстанок на Палермо, сега го предводеше својот тим и до првата домашна победа во сезоната над Кротоне со погодокот во 27. минута.

Ова за Несторовски беше деветтиот погодок на 23 натпревар сезонава во Серија А. Секоја чест за 26-годишниот прилепчанец за кој малку се очекуваше дека ќе блесне веќе во првата сезона во Италија, откако претходно ги тероризираше мрежите во хрватскиот шампионат каде во дресот на Интер Запрешиќ забележа 25 погодоци од вкупно 39 кои ги постигна неговиот клуб за целата сезона и директно влијаеше еден од најголемите кандидати за испаѓање да заврши на одличното петто место во Хрватска.

Истото се случува и сезонава во Палермо. Несторовски игра речиси сам и овие негови девет голови во лига каква што е италијанската и во тим каков што е Палермо вредат барем двојно повеќе. Замислете каде би му бил крајот доколку има соодветни соработници…

Фактот дека Несторовски директно учествувал во 12 од 19 погодоци на Палермо сезонава (9 гола и 3 асистенции) доволно говорат за неговата важност во овој тим, но она што е уште поинтересно е фактот дека Несторовски има подобра премиерна сезона во дресот на Наполи од многу поголеми имиња и ѕвезди кои го носеле дресот на клубот од Сицилија.

Така, на пример, последната ѕвезда која беше дел од тимот на Палермо, Пауло Дибала, во својата прва сезона во розевиот дрес постигна 3 погодоци на 27 натпревари, а најдобрата сезона му беше онаа во 2014/15 кога постигна 13 гола и имаше 11 асистенции на 34 натпревари.

Единсон Кавани во својата прва сезона на 7 натпревари постигна 2 гола и имаше 2 асистенции, а веќе во втората сезона на 33 меча постигна 5 гола и имаше една асистенција, што е многу помалку во однос на нашиот центарфор. Најдобрата сезона Кавани во дресот на Палермо ја имаше во 2008/09 кога на 35 натпревари постигна 14 гола и имаше 4 асистенции. Тоа беше трета сезона за Кавани во Палермо, а оваа бројка е реална за Несторовски веќе во првата сезона во Сицилија.

Иако не станува збор за класичен напаѓач, вреди да се спомене и Хавиер Пасторе. Аргентинецот во својата прва сезона на 34 одиграни натпревари имаше 3 гола и 9 асистенции, додека во својата најдобра сезона постигна 11 гола и 5 асистенции, исто така бројка која не е недостижна за нашиот Несторовски.

Вреди да се спомене и Абел Ернандез кој во првата сезона постигна 7 гола и две асистенции на 21 натпревар, како и Маурисио Пиниља кој во првата сезона постигна 8 гола на 22 натпревари.

Напаѓачот кој во моментов исто така е хит во Серија А, Андреа Белоти, во својата прва сезона во Палермо постигна 10 гола и имаше 4 асистенции на 24 натпревари, но во Серија Б, додека во својата прва и единствена сезона во Серија А во Палермо постигна само 6 гола на 38 натпревари.

Според овие статистички параметри, Илија Несторовски е можеби најголемото засилување на Палермо во последните десетина години, секако ако се гледа само првата сезона. Но, до крајот на шампионатот остануваат уште 15 натпревари, а Илија секако може да го подобри своето голгетерско салдо, па дури на крајот да има и подобар скор во својата прва сезона отколку што имале најголемите ѕвезди на овој тим во својата најдобра сезона.