Израел ќе „клава голој“: Шундовски селектор на тамошната ракометна репрезентација

729

Звонко Шундовски ќе биде нов селектор на ракометната репрезентација на Израел.

Македонскиот стратег и поранешен селектор на Македонија, под чие водство го остваривме најголемиот успех во историјата на машкиот репрезентативен ракомет, освојувајќи го петтото место на ЕП во Србија 2012 година, си замина од клупата на ЧСМ Букурешт и се сели на Блискиот Исток.

Шундовски официјално ќе ја преземе функцијата на 25. јули, со што ќе го предводи Израел во квалификацискиот циклус за пласман на Светското првенство во 2019. година во Германија и Данска.

Шундовски во својата богата кариера беше предводник на Пелистер, Металург, романските Констанца и Букурешт, а беше селектор на младинската репрезентација на Македонија, помошник во сениорската репрезентација, по што во 2010. година ја презема селекторската палка на сениорската македонска ракометна репрезентација.