Зоран Балдовалиев: Играњето во Првата лига е многу различно од Втората

1272

Еден од најискусните фудбалери во актуелниот тим на Академија Пандев е напаѓачот Зоран Балдовалиев.

Неговата кариера трае повеќе од деценија ипол, многу години помина надвор од Македонија како интернационалец, а од лани е член на струмичкиот клуб. Во минатото и македонски репрезентативец со 11 настапи за националниот тим, Балдовалиев во Академија Пандев треба да биде спој меѓу стручниот штаб и играчкиот кадар.

СПОРТКЛУБ.МК: Сигурно е дека искуството е предност за вас, но од друга страна и обврска затоа што треба да бидете лидер на една млада екипа заедно со Сашко Пандев. Како се справувате со таа улога?

БАЛДОВАЛИЕВ: Младите постојано гледаат како се однесуваме ние, јас и Сашко се трудиме да им помогнеме и на и надвор од теренот. Постојано разговараме за нивната игра и во нашата комуникација нема никакви проблеми. Ние сме искусни професионалци и се трудиме тоа да им го пренесеме и на младите фудбалери во екипата.

СПОРТКЛУБ.МК: Во тек се подготовките за новата сезона. Како го гледате досегашниот дел и каква е атмосферата во тимот?

БАЛДОВАЛИЕВ: Костурот на тимот е ист како оној кој лани го освои првото место во Втората лига. Последната година сме тука јас и Сашко, можеби ќе има уште некој нов фудбалер, тоа го знае стручниот штаб. Подготовките се тешки, работиме напорно, но мора да биде така за да ги издржиме напорите што ги носи играњето во Првата лига. Јас сум задоволен како се работи, среќен сум што нема повреди и се надевам дека така ќе завршиме.

СПОРТКЛУБ.МК: Веќе почнавте со одигрување подготвителни натпревари. Какви се очекувањата од нив и воопшто од претстојната сезона во која дебитираше во Првата лига?

БАЛДОВАЛИЕВ: Јас сум играл во Првата македонска фудбалска лига, многу е различна од Втората. Ние сме млада екипа и тоа ќе биде голем предизвик. Треба да играме мудро и паметно, имаме добар тим и се надевам дека ќе се претставиме во добро светло. Подготвителните натпревари треба да му дадат подобра слика на стручниот штаб за квалитетот со кој располагаат и кој играч на кое ниво е. Резултатите не се битни, тие се во втор план, важно е секој фудбалер да добие шанса и да се бори за своето место во тимот.