Златко Таневски најдобро го познава Лех: Пелистер доби исклучително тежок противник

388

Поранешниот македонски интернационалец Златко Таневски е единствениот кој може да даде реална оценка за тоа како помина Пелистер на денешната ждрепка за првото квалификациско коло од Лигата на шампионите.

Битолчани за противник го добија Лех, тимот во кој Таневски помина четири сезони, можеби најдобрите во кариерата бидејќи со него освои по една титула во полското првенство (2010 година) и во Купот на Полска (2009) и тие се единствените трофеи во историјата на клубот од Познањ. Од неговото заминување поминаа седум години, но Таневски одлично ги познава состојбите во Лех.

“Морам да кажам дека пред Пелистер е исклучително тешка задача бидејќи доби еден од најсилните противници во оваа конкуренција. Лех беше на само чекор од шампионската титула во полското првенство бидејќи се се решаваше во последното коло иако на крајот го освои третото место. Уште јас кога играв тимот инсистираше на офанзивен фудбал и тоа продолжи до ден-денес, па минатата сезона имаа четири натпревари во низа (во февруари и март) на кои победуваа со 3-0.

По завршувањето на сезоната, Лех се засили со тројца нови фудбалери (Хрватот Марио Ситум, Австриецот Емир Дилавер и Швеѓанецот Никлас Баркрот). Има најави дека ќе си заминат неколку играчи од претходниот кадар, но и покрај тоа Лех е многу силен. На домашен терен игра пред стадион со капацитет од 40 илјади места и секогаш е исполнет до последното место, а навивачите прават пеколна атмосфера. Не би сакал да звучам песимистички, но за Пелистер ќе биде огромен успех ако го помине овој противник”, изјави Таневски.

Пелистер ќе гостува на првиот меч, најверојатно на 29 јуни, а реваншот е една недела подоцна, но местото на одигрување уште не се знае.

loading...