Започнува Купот на Македонија, Кавадарци повторно домаќин: Работнички и МЗТ главни кандидати за трофејот

339

Кавадарци повторно ќе биде центарот на македонската кошарка од 16 до 18 февруари. Македонската кошаркарска федерација во салата „Јасмин“ ќе го организира кошаркарскиот Куп на Македонија.

Со натпреварот помеѓу актуелниот куп-освојувач Карпош Соколи и најтрофејниот кошаркарски колектив кај нас Работнички, започнува најновото издание на најмасовното натпреварување кај нас. Соколите се далеку од оној тим кој беа минатата година според квалитетот. Тимот е драстично подмладен, па фаворитската улога очекувано е на страната на единствениот непоразен клуб во првенството, екипата на Работнички.

„Првиот меч го играме против Карпош Соколи. Тие се победници на ланското издание на Купот, а оваа година играат во сосема друг состав. Без разлика на промените во нивниот тим, мораме да бидеме сконцентрирани и мотивирани за да ја оствариме целта, а тоа е што е можно подобар пласман во Купот на Македонија“, изјави Перо Блажевски, претставникот на Работнички.

„Како најмлада екипа и покрај проблемите кои ги имаме во клубот, чест ми е што учествуваме тука. Знаеме кој е нашиот противник, Работнички е голем фаворит на овој меч, но ние ќе се обидеме да играме како што најдобро знаеме“, изјави кошаркарот на Карпош Соколи Андреј Атанасов.

Вториот меч кој привлекува огромно внимание е оној помеѓу актуелниот шампион МЗТ Скопје и екипата домаќин на турнирот, Фени Индустри. „Металците“ играат лошо сезонава, пред се во АБА лигата, па поради тоа се гладни за трофеј во Македонија.

„Националниот Куп секогаш е празник на кошарката во една земја. Очекувам добри натпревари, а купот е специфично натпреварување. Имав шанса во кариерата да учествувам многу пати, сум победувал и сум губел, тоа е составен дел од спортот. Еден натпревар одлучува се, токму тоа е специфичното за ова натпреварување. Тимовите кои се фаворити на хартија мораат да бидат максимално сконцентрирани. И покрај проблемите, ние се трудиме да бидеме фокусирани. По лошите резултати во АБА, сакаме да се докажеме дома. Го почитувам домаќинот, имаат историја за почит. Но, тука се и останатите екипи како Блокотехна, Работнички и сите останати“, изјави Жељко Лукајиќ, тренерот на МЗТ.

Капитенот на МЗТ, Дамјан Стојановски, посакува триумф над Фени, но предупредува пред мечот.

„Во Купот секогаш постојат изненадувања и нема простор за поправен испит. Мислам дека ќе се подготвиме добро, прв ривал ќе ни биде Фени Индустри, посакуваме победа, а потоа од меч во меч ќе бркаме поуспешен настап“, вели македонскиот репрезентативец.

Тренерот на Фени, Љупчо Малинков, ја предава фаворитската улога на МЗТ Скопје.

„Со оглед на ситуацијата во која се наоѓа Фени, МЗТ е апсолутен фаворит. Но, ние играме на домашен терен, во наша сала и мислам дека ќе бидеме достоен противник. Ќе излеземе на терен, па нека победи подобриот тим“, изјави Малинков.

Поранешниот кошаркар и капитен на МЗТ, кој сега игра за Фени Индустри, истакна дека неговиот тим нема да се предаде.

„Амбициите на Фени сезонава не се поистоветуваат со ситуацијата во клубот. Во првото коло играме против МЗТ кој е апсолутен фаворит против нас. Нема да се предадеме, ќе излеземе на терен, ќе се бориме, па нека победи подобриот. Им посакувам на сите успешен настап на Купот и победи најдобриот“, изјави Јане Петровски.

Блокотехна ќе дебитира во Купот на Македонија, а ривал ќе им биде екипата која се натпреварува во АБА 2 лигата, АВ Охрид.

„Ние како дебитанти верувам дека ќе донесеме свежина во Купот. Самото присуство на Купот за нас ќе биде можност и ние да се израдуваме на некоја победа, па да бидеме дел од полуфиналето или финалето“, изјави Марјан Илиевски, тренерот на гевгелискиот тим.

„Купот е од голема важност за нас, затоа што е прв за нас во нашата историја. Се надевам дека ќе се прикажеме во добро светло. Противник ни е АВ Охрид. Фаворити сме на хартија, но ќе играме еден натпревар. Тука нема простор за фаворити, мора добро да се испотиме“, изјави Горан Главчев.

Тренерот на Охрид, Петар Чочороски има само пофални зборови за својот ривал.

„За нас ова е второ учество на завршниот турнир. Сосема заслужено се изборивме за истото. Оваа година играме против Блокотехна, која е одличен тим. Очекувам добар натпревар. Тие се фаворити, но желба ни е да ја нарушиме фаворитската улога. Имаме повредени играчи, но ќе се обидеме да ги изненадиме“, изјави Чочороски.

Еден од повозбудливите натпревари на Купот ќе биде оној помеѓу Гостивар и Куманово.

Како и сите останати, ние влегуваме со иста желба во Купот. Се надевам дека ќе биде празник на кошарката и дека спортот ќе победи. Секое коло кое ќе го минеме со Куманово ќе биде успех за нас“, изјави Александар Петровиќ, тренерот на Куманово.

„Оваа двојка ќе биде една од поинтересните. Се надевам дека ќе имаме еден добар спортски викенд во Кавадарци и се надевам дека ќе се пласираме најпрво во полуфиналето. Нека победи подобриот“, додаде Караџовски.