Заврши 15. аматерски хуманитарен велеслалом во Маврово – Хуманитарците собраа 14.000 евра за лицата со интелектуална попреченост

444

Ски центарот Маврово ќе донира околу 14.000 евра на Републичкиот центар за поддршка на лицата со интелектуална попреченост – ПОРАКА. Парите се собрани од 54 корпоративни екипи кои учествуваа на 15. Аматерски Хуманитарен Велеслалом во Маврово. Освен собраните 10.800 евра од котизација од тимовите, на дополнителна аукција на предмети, донесени од самите учесници, на тематската забава „WORLD MARKET“ беа собрани уште околу 3.000 евра.

Поради дождот и силните ветрови, за прв пат во 15 години, не се одржа скијачкиот натпревар во Маврово. Сепак, Ски центарот за тимовите ќе овозможи уште еднодневно скијање на 25.02.2017 (сабота), каде ќе има квалификации и финале. За тимовите е обезбеден автобуски превоз со агенција „Кинисси“, како и скијачка карта за секој учесник.

„Добиените пари строго се наменети за организирање и реализирање на спортско-рекреативни активности за корисниците на социјалните сервисни служби за лицата со интелектуална попреченост, кои функционираат во рамки на мрежата на ПОРАКА. Главна цел на овие активности е промоција на формата на вклучување на лицата со интелектуална попреченост во општеството преку спорт и рекреација и придонес во развојот на вештините за самостојно живеење кај овие лица. Со овие активности се обезбедуваат голем број можности: подобрување на психофизичката состојба на лицата со интелектуална попреченост, развој на чувството и духот на натпреварување меѓу лицата со интелектуална попреченост, искуството да се биде дел од спортска екипа, притоа чувствувајќи го единството во екипата, мотивација за натпреварување и победа, но истовремено и искусување и справување со пораз во спортските игри“, истакна Владо Крстевски од „Порака“.

Од друга страна, според него, овие активности претставуваат добра можност персоналот да помине 24 часа заедно со корисниците на дневните центри и да овозможи тие да го разберат ритамот на живеење и однесување на секое лице со интелектуална попреченост.

„Набљудувањето на корисниците во нова средина, без родителско влијание, нуди нови сознанија за персоналот во однос на можните подобрувања на самостојноста и самодовербата меѓу корисниците и несебичната поддршка и пријателство меѓу нив. Исто така, ваквите активности обезбедуваат можности за подобрување на вештините за одржување на личната хигиена, вештините за социјални интеракции итн“, додава Крстевски.

Спортските активности се поделени во следните дисциплини: атлетика (натпревари во трчање и скок во далечина), натпревари во мал фудбал, натпревари во кошарка и натпревари во тегнење јаже. Рекреативниот дел од програмата опфаќа разни друштвени игри, цртање, прошетки во природа, како и забави со музика и танцување во вечерните часови.

Главен спонзор на настанот беше Македонски Телеком , а најбројни беа тимовите на ВИП Оне.