ЕХФ потврди: И Металург во Лигата на шампионите идната сезона

781

И во новата сезона, Македонија ќе биде со два претставника во Лигата на шампионите.

Поинакво сценарио не ни очекувавме со оглед на шампионската титула на Вардар во елитното натпреварување, но ЕХФ тоа денеска официјално го потврди доделувајќи му специјална покана на нашиот вицешампион. Сепак, како и лани, Металург ќе игра во групите со послаб квалитети од по шест екипи кои даваат само по два претставника во нокаут фазата. Вардар, нормално, ќе игра во елитниот дел и ќе биде еден од носителите при ждрепката.

Специјални покани за групите Ц и Д добија уште Адемар Леон, Монпелје, Скјерн и Горење, а за А и Б групите Висла, Кил и Нант, новиот клуб на нашиот најдобар ракометар Кире Лазаров.

За пласман во групната фаза ќе има и квалификации во кои ќе учествуваат Спортинг од Португалија, Татран од Словачка, Кокс од Финска и Алпла од Австрија.

Ждрепката за новата сезона во Лигата на шампионите ќе се одржи в четврток, на 30 јуни во Љубљана.