Дурант им одговори на „хејтерите“: Со доминантна игра до титулата и МВП признанието

1453

„Предавникот“ пред една година ги напушти Тандерси бидејќи во 28-та година од животот сфати дека ќе стане шампион единствено ако дојде во Голден Стејт, кој со него заслужено ќе го понесе епитетот „Дрим тим“.

„Моето ново поглавје“, така ќе го наслови текстот во кој објасни зошто го направи она поради што цела Америка ќе го замрази, Оклахома ќе ги пали неговите дресови, а сите ќе го споредуваат со бегството на Леброн од Кливленд во Мајами, што овој го направи од иста причина, само шест години порано.

Amongst all the haters, a champion was born.

تم نشره بواسطة ‏‎Bleacher Report‎‏ في 12 يونيو، 2017

Година дена подоцна, Дурент ќе го добие задоволството за целата таа омраза со тоа што ќе направи двојна детронизација на оној кој го смени и од пиедесталот на најголемиот „Јуда“. Со брилијантна и доминантна игра во сите пет натпревари од финалето, ги однесе Вориорси до победа над Кавси и неговата прва титулат во кариерата, со што на Леброн му го зеде шампионскиот трофеј и МВП титулата на финалето.

Најдобриот кошаркар на светот го оневозможи во настојувањето да го освои четвртиот прстен и четвртата титула најкорисен играч на финалето со тоа што најважната тимска и индивидуална награда во кошаркарскиот свет ќе ги понесе по првпат. Леброн Џејмс на тоа најискрено му честиташе на крајот од натпреварот во емотивната прослава.

Токму гладта која го носеше Дурент беше очигледна не само во финалето, туку и во застрашувачкиот 15-0 поход на казнената експедиција од Оукленд, која се до четвртиот натпревар од финалето беше без пораз во плеј-офот. А во финалната серија во секој од петте натпревари Дурент постигна над 30 поени.

Во првиот натпревар му донесе водство на Голден Стејт со 38 поени и по осум скока и асистенции, во третиот постигна 31, вклучително и одлучувачката тројка на 45 секунди пред крајот.

Конечно, во петтиот натпревар го осигура конечниот триумф со 39 поени, при што погоди фантастични 14/20 од игра, а додаде по седум скока и пет асистенции.

Финалето го заврши со просек од 35,2 поени, 8,4 скока и 5,4 асистенции по натпревар. Од игра погодуваше 55,5%, за три поени 47,4 проценти, а 92,7 проценти од слободни фрлања. Ништо чудно што ги доби сите 11 гласови во изборот за МВП на финалето.