Друг начин нема: Кливленд подготвува „супер-тим“ со цел да ја спречи доминацијата на Голден Стејт

5187

Во ноќта кога Кливленд дефинитивно беше симнат од тронот по ударот на страшниот Голден Стејт, од устата на Леброн Џејмс излетаа зборовите кои изненадија многумина – „Никогаш не сум играл во супер-тим каков што има Голден Стејт“.

И секако, тоа веднаш предизвика бес кај голем број кошаркарски вљубеници, кои го паметат шампионскиот тим на Мајами, полн со ѕвезди како Двејн Вејд, Крис Бош, Реј Ален, Рашар Луис и секако Леброн Џејмс. А потоа, потсетија дека Леброн и сега ја дели соблекувалната со асови како Кајри Ирвинг и Кевин Лав, како и Дерон Вилијамс, Кајл Корвер, Џеј Ар Смит…

Можеби тие генерации на Леброн не беа доминантни како онаа која оваа сезона ги прегази апсолутно сите на патот кон шампионскиот прстен, но далеку од тоа дека немал квалитетни соиграчи, каде и да играл.

Сепак, во Кливленд јасно и гласно ги слушнаа зборовите на својот „Крал“ и тргнаа во развивање на сериозна стратегија за креирање на нова верзија на супер-тим. Свесни се и раководствените кадри во тимот од Охајо дека не постои друг начин да се излезе на крај со ваков Голден Стејт и ѕверки како Кевин Дурент, Стеф Кари, Клеј Томпсон, Дрејмонд Грин и Андре Игудала, кои се практично во врвот на својата сила, па затоа ќе ги направат сите потребни чекори со цел да создадат тим по желба на Леброн.

Американските медиуми темелно се занимаваа со потенцијалните решенија и се укажува на тоа дека билет во еден правец ќе добие Кевин Лав.

Неговото име се доведува во контекст со три потенцијални трансфери – за Пол Џорџ, Демаркус Казинс или Кармело Ентони.

Нема нималку сомнежи, Леброн сигурно најсреќен би бил кога во Кливленд би дошол Кармело Ентони. Но, во перспектива овој трејд на Кливленд ќе му донесе најмалку корист.

Мело е најдобар пријател на Леброн веќе со години и јавна тајна е дека „Кралот“ би сакал да го види во опремата на Кливленд. Но, прашање е како би функционирале работите во тимот, бидејќи реалноста е таква што Кавси имаат поголеми шанси да дојдат до прстенот со Лав во тимот отколку со Ентони. Поради тоа е речиси незамисливо Кливленд да се откаже од својата ѕвезда поради некој кој со години не бил ниту близу до пласман во плеј-офот, а не пак во борба за прстенот.

Фил Џексон поради тоа и бара начин како да се ослободи од Мело. Кливленд, би можел да се обиде со евентуален трејд во кој би биле вклучени Шамперт и Смит за Мело.

Приказната со Демаркус Казинс би имала одредена смисла во резултатски контекст. Додуша, Кливленд би бил суштинска спротивност на Голден Стејт, бидејќи „смол-бол“ екипата би ја нападнала со Тристан Томпсон, Казинс и Леброн. Во рекетот Кливленд веројатно би бил незапирлива сила. И се би било во ред се додека не дојдат натпреварите со Голден Стејт, кога ќе налетаат на најголемата мака – кој ќе го чува Кевин Дурент?

Јасно е, товарот тогаш повторно ќе падне на Леброн. А реално е да не можете да очекувате човек од 33 години, без разлика на тоа што е Леброн Џејмс, да троши толку енергија на чување на Кевин Дурент и притоа да ги решава најголемите проблеми во офанзивата.

Најреална солуција во овој момент би бил трансфер на Пол Џорџ. Кевин Лав ја поправи играта во одбраната во последните години, но не е ниту близу до нивото на Џорџ во двата правци. Кливленд во овој случај би жртвувал малку висина и маса поради еден Ол-стар играч кој умее себе да си креира простор за шут, да погодува тројки, но и да го чува Кевин Дурент.

loading...