Драган Начевски: Најважно е Академија Пандев да стане стабилен прволигаш

1763

Поранешниот македонски репрезентативец Драган Начевски пред два месеци ја заврши професионалната играчка кариера како член на Академија Пандев, а раководството на клубот веднаш му даде шанса во стручниот штаб на првиот тим.

Претстојната сезона тој ќе му биде помошник на тренерот Панче Стојанов, а паралелно со тоа ќе работи и во младинската школа како тренер на пионерските категории. По две децении на фудбалските терени како професионалец и со 14 натпревари во сениорската репрезентација на Македонија, Начевски почнува тренерска кариера, а Академија Пандев не можеше да направи подобар избор.

СПОРТКЛУБ.МК: По толку години како играч, како се чувствувате сега на друга позиција и какви се искуствата со работата во Академија Пандев?

НАЧЕВСКИ: Кога пред три години дојдов во Академија Пандев како играч, воопшто не ни помислив дека ќе добијам понуда да станам помошен тренер. Тоа е голема привилегија за мене и сакам да изразам благодарност до раководството на клубот. Се надевам дека на помладите фудбалери ќе им го пренесам моето долгогодишно искуство. Предност е тоа што до пред неколку месеци играв со нив во иста екипа, помладите добро ги познавам, имам добра соработка со нив и мислам дека ќе бидам од помош во тимот.

СПОРТКЛУБ.МК: Најтешкиот дел е спојот меѓу младоста и искуството, но вие ќе ја имате улогата да ја споите екипата. Како успевате во тоа?

НАЧЕВСКИ: Целта на Академија Пандев е да форсира млади фудбалери, тоа е поентата на академијата, но секако дека без поискусните, помладите не би можеле да одат напред, не би имале од кого да учат и да напредуваат во своите кариери.

СПОРТКЛУБ.МК: Освен во првиот тим, ќе работите и во младинската школа. За која генерација станува збор и кои се плановите во тој дел од работата?

НАЧЕВСКИ: Ми беше доверена улога да работам со помладите фудбалери во академијата, генерациите 2007 и 2008 година. Тоа се деца кои почнале да се занимаваат со фудбал пред година-две. Сигурно е дека е потребно многу трпение со нив, многу разбирање, јас се однесувам како родител и се обидувам да им го пренесам моето долгогодишно искуство затоа што тие треба да бидат столбот на Академија Пандев.

СПОРТКЛУБ.МК: Какви се амбициите на Академија Пандев во дебитантската сезона во Првата македонска фудбалска лига?

НАЧЕВСКИ: Во првата сезона во Првата лига никој не треба да има големи очекувања. Најважно е ние да станеме еден стабилен прволигаш, да одиме чекор по чекор и секоја сезона да одиме се погоре. Ги имаме сите услови да станеме сериозен клуб во елитата, а по неколку години можеме да почнеме да размислуваме за местата кои водат во европските купови.