Двојниот јубилеј последна шанса за историска победа на Вардар

116

Вардар денеска спушта завеса на историската сезона во која успеа за првпат во историјата на македонскиот фудбал да обезбеди пласман во групната фаза од Лигата на Европа.

Иако настапите во Европа нема да бидат за паметење, а се заканува да бидат и за срамење, сепак не треба да се занемари фактот дека ова е само почеток, дека Вардар се уште го собира искуството и во иднина ќе треба да прикажува уште подобри резултати во европските натпреварувања.

Но, до тогаш прво треба да се првата пречка, а тоа е Розенборг. Норвежаните се пречка пред се во психолошка смисла, бидејќи е неопходно за Вардарци да си покажат себеси, а потоа и на целата фудбалска јавност, дека не се залудно во групната фаза од Лигата на Европа. Пред избраниците на Чедомир Јаневски е императив да се освои првиот бод во Европа, а токму Розенборг, во конкуренција на Реал Сосиедад и Зенит, е идеалната можност за такво нешто.

Норвешкиот шампион и на првиот натпревар, иако победи, не беше ништо подобар од нашиот првак. Вардар дури имаше и две мошне сериозни шанси на почетокот од натпреварот, а ако ги реализираше, натпреварот ќе имаше сосема поинаков тек. Розенборг не е никаков баук, а освен тоа Вардарци покажаа летово дека им лежат скандинавските екипи, пред се на домашен терен. Во Струмица падна Малме со 3:1, а во Скопје падна и Копенхаген со 1:0.

Вардар им должи и на „Комитите“ кои ја „преораа“ Европа само за да му дадат поддршка на својот тим и му пееја громогласно и кога доживеа дебакл од Зенит и Реал Сосиедад со 5:0 и 6:0. Затоа заслужуваат и тие да запеат една победничка, а не утешна песна. Да грмне Западот за една голема победа, или барем еден историски бод. За дебитантска сезона – доста е, за да Вардар не биде најлошата екипа во историјата на Лигата на Европа.

Оваа година е најзначајната во историјата на нашиот фудбалски бренд, бидејќи македонскиот шампион успеа во она што содецении го чекаа сите на кои црвено-црната боја им е при срцето, односно да се пласира во групната фаза од едно европско натпреварување. А уште позначајно е што годинава се славеше 70-тиот роденден на клубот, а симболично, натпреварот со Розенборг ќе биде 70-тиот натпревар за Вардар во Европа. Ете уште еден мотив за Вардарци да го дадат максимумот и да не израдуваат сите.

Против Розенборг го постигнаа и првиот историски гол во групната фаза од Лигата на Европа, онаа мајсторија на Фелипе долго ќе се памети. Но, за успех ќе треба многу повеќе, пред се да се повторат оние изданија од квалификациите за ЛШ и плејофот за ЛЕ против Фенербахче. Недостасува онаа борбеност, инает, концентрација и желба за триумф, бидејќи квалитет за да се совлада Розенборг Вардар секако има.

Натпреварот помеѓу Вардар и Розенборг се игра вечерва од 21:05 часот. Избраниците на Чеде Јаневски секако ќе имаат мотив за да го поправат впечатокот од претходните натпревари, а се надеваме дека и арената „Филип Втори“ ќе биде исполнета, бидејќи ова е најсериозната шанса за Вардар да дојде до победа.

Среќно Вардаре!