Двајца Македонци беа во составот: На денешен ден пред 26 години Југославија го одигра последниот официјален меч

1763

На денешен ден пред 26 години, 13. ноември 1991. година, фудбалската репрезентација на Југославија го одигра последниот натпреварувачки меч.

Во последното коло од квалификациите за Европското првенство во Шведска, „Сините“ во Виена ја совладаа Австрија со 2:0 и веруваа дека го обезбедиле патот на континенталното натпреварување, покрај војната која веќе беснееше на територијата на Хрватска, за подоцна да започне и во Босна и Херцеговина.

Поради санкциите кои подоцна и беа ставени на Југославија поради агресијата која ја правеше во Хрватска и БиХ, репрезентацијата беше вратена од Шведска пред самиот почеток на шампионатот, каде не добија шанса да се натпреваруваат, а местото на Југославија го зазеде Данска, која заврши како второпласирана во квалификациската група и направи огромно изненадување откако неочекувано стана европски првак.

Селекцијата која ја предводеше Ивица Осим имаше императив за победа над Австрија, а до триумфот дојде и полесно од очекуваното, со головите на Владан Лукиќ во 18 и Дејан Савиќевиќ во 38 минута. На Владан Лукиќ овој натпревар не му остана во добро сеќавање бидејќи покрај постигнатиот гол, тој ја искрши ногата, поради што долго го немаше на фудбалските терени и подоцна никогаш не успеа да блесне и да го потврди талентот кој го поседуваше.

Југославија овој натпревар го започна во следниот состав: Фахрудин Омеровиќ – Фарук Хаџибегиќ, Дарко Миланиќ, Синиша Михајловиќ, Будимир Вујачиќ – Мехмед Баждаревиќ, Џони Новак, Славиша Јокановиќ, Дејан Савиќевиќ – Владан Лукиќ, Дарко Панчев.

На клупата за резервни играчи беа Драгоје Лековиќ, Бранко Брновиќ, Предраг Мијатовиќ и Илија Најдоски.

Тоа значи дека во составот на Југославија се најдоа и двајца македонски фудбалери – Панчев и Најдоски.

Веќе тогаш репрезентативците од Хрватска го бојкотираа државниот тим, кој подоцна одигра само уште еден натпревар, пријателски, на 25. март 1992. година во Ротердам против Холандија, на кој Југославија забележа пораз од 2:0.

Дарко Панчев во тие квалификации беше најдобар стрелец во квалификациската група, но и во квалификациите воопшто со 10 погодоци, а забележа и два хет-трика, против Австрија на првиот натпревар и против Северна Ирска.

Интересно е дека селекцијата на Австрија и во претходниот циклус квалификации (за СП во Италија 1990) го одигра последниот натпревар со држава која престана да постои, Источна Германија. Австрија тогаш победи со 3:0 и се најде на Мундијалот.