Давитков по победата против Бугарија: Уште е рано, задоволен сум од ова досега

963

Селекторот на македонската репрезентација Јорданчо Давитков е со позитивни импресии од натпреварот против Бугарија што се одигра синоќа.

Македонија победи со 80:70 иако резултатот не беше во прв план. Ова беше трет меч на нашата репрезентација во овие подготовки, а е одигран на 18 дена пред почетокот на претквалификациите за Светското првенство.

“Задоволен сум од некои работи, од некои не. Против Словачка функционираше нападот, сега не беше така иако имавме многу отворени шутеви кои требаше да ги погодиме. Сметам дека топката не се движеше како што треба, имавме некои добри акции, во некои грешевме, но тоа е нормално во овој момент. Одбраната беше подобра од Словачка, но треба да исправиме некои недостатоци. Не сме во шутерска форма што е и нормално во овој дел од подготовките. Како и да е, победа си е победа, макар и на пријателски натпревар.

Се надевам дека натпреварите на ‘Трофејот Македонија’ ќе ни бидат повеќе од корист затоа што ќе се играат секој ден и ќе им дадам шанса на повеќе кошаркари. Јас веќе имам некоја слика во главата, но да ги сочекаме тие натпревари“, рече Давитков.

Следните тестови македонската репрезентација ќе ги има идната недела, односно од четврток до сабота кога во Скопје се игра “Трофеј Македонија”. На него ќе учествуваат БиХ, Португалија и Холандија.