Вулканска „стотка“ во Унгарија за Карпош Соколи

160

Македонскиот претставник во ФИБА Еврокупот, тимот на Карпош Соколи, вечерва доживеа уште еден убедлив пораз на гостувањата, овој пат во Унгарија, против екипата на Фалко Вулкано со резултат 108:87.

Веројатно се уште неконсолидирани поради заминувањето на тренерот Даскаловски пред некој ден, па некомплетни во овој натпревар, не успеаа да се изборат за позитивен резултат.

Домаќинот воспостави иницијатива уште по првите минути и тоа резултираше со убедлива предност на полувреме (64:49), од која подоцна Карпош Соколи не успеа да се врати во игра.

Третата четвртина им припадна на момците од Скопје (19:24), но тоа беше се што видовме од нив, па со губењето и на последната четвртина, беше бетониран новиот пораз на „соколите“.

Сигурно дека ваквите игри на Карпош Соколи не ветуваат ништо добро за нивниот клуб, но останува да се види во кој правец ќе оди понатаму нивната сезона. Вечерва за Карпош Соколи најефикасен беше Браун кој запиша 23 поени.