Втора младост на Шпанецот: Надал во јули ќе биде прв на АТП листата?

618

Најмногу два месеци го делат Рафаел Надал од првото место на АТП листата ако нема некои изненадувања во неговите резултати и формата.

Оваа сезона тој веќе стигна до седум финалиња и освои четири титули, двојно повеќе отколку лани за цела година. Како резултат на тоа, Шпанецот е веќе втор на АТП листата и му дише во врат на Енди Мареј бидејќи разликата меѓу нив двајца изнесува 2.600 бода, а распоредот во следниот период му оди на сметка на Надал.

Во најдобра варијанта, Надал би можел да застане на првото место веќе по Вимблдон бидејќи на сезоната на трева тој не брани бодови поради ланската повреда на раката која го одвои од терените токму во овој период. Од друга страна, Мареј ги брани титулите во Квинс и Вимблдон или вкупно 3.000 бода. Евентуален кикс на Британецот на овие два турнири заедно со добар резултат на Надал ќе значи промена на лидерската позиција на АТП листата.

Но, дури и сега да не дојде до таа промена, речиси сигурно ќе се случи најдоцна до УС Опен. Надал лани не играше и на канадскиот Мастерс (Мареј исто така), а во Синсинати испадна во третото коло за разлика од Мареј кој стигна до финалето. По Гренд слемот во Њујорк, Шпанецот настапи само во Пекинг и Шангај без позначајни резултати додека Мареј ги брани титулите на сите турнири по УС Опен. Од тие причини, овие 2.600 бода се премалку за Мареј да се задржи уште долго на лидерската позиција на АТП листата.

Од друга страна, Надал има огромна шанса првпат по 23 јуни 2014 година да застане на првото место и не само тоа, туку до крајот на годината да направи голема разлика во однос на конкурентите.