Во Стокхолм Официјално претставена Škoda Kаroq

502

Наследникот Karoq е значително поголем од досегашниот модел Yeti, a позициониран е сегмент погоре каде се наоѓа братот од Групацијата Volkswagen Tiguan.

Во должина „пораснал“ за 160 mm, а зголемено е и меѓуоскиното растојание за 260 mm, што ветува многу повеќе внатрешен простор.

Практично Karoq е многу близок со Seat Ateca, со која  ја дели и иста платформа.

Škoda продолжува со својата производна офанзива и по обновувањето на семејството на Octavia, пазарното лансирање на Kodiaq,  како и на освежениот Rapid, блесна и целосно новиот компактен SUV – Kаroq.

Наследникот на мошне успешниот досегашен модел во овој сегмент на Чесите, моделот Yeti, е вистинска револуција во рамките на брендот, во склад со стандардите на Концернот.

Има сосем поинаков дизајн, технологии, дополнителен квалитет…. и како што беше потенцирано пред гостите во Стокхолм, во понуда е уште една врвна кросоверска изведба.

Чесите потврдуваат дека веќе следната година ќе се појават SportLine и Scout верзии на моделот, па дури и спортска RS опција.

Понатаму се очекува и plug-in хибридна модификација.

Дотогаш Karoq ќе се нуди со избор од пет мотори: Два бензински 1,0-литарски со 3-цилиндри и 115 КС, и новиот 1.5 на групата VW со моќност од 150 КС и со можност за деактивација на два од цилиндрите.

Основниот дизел е познатиот 1.6 TDI со 115 КС, а над него се две варијанти на 2.0 TDI – со 150 КС и 230 КС.

Помоќната верзија сериски ќе се нуди со погон на четири тркала и 7-степен DSG менувач со двојна спојка.

Со најмоќните бензински и дизел мотори ќе се нуди и Dynamic Chassis Control – електро-хидраулична регулација на суспензијата.

Верзиите 4х4 ќе имаат off-road режим, кој ќе користи контрола на тракција и електронско заклучување на диференцијалот, за обезбедување на подобра проодност.

Ентериерот наликува на тој од Kodiaq, покрај поголем простор на задните седишта, пораснал и багажникот кој беше слабата точка на Yeti (521 до 1.630 l, со соборени задни седишта), а ако се извадат целосно заднаите седишта, капацитетот  нараснува и над 1.800 l.

Опционално, Škoda го нуди системот VarioFlex со кој може да одделно да се собори секое од задните седишта или дури целосно да се извадат.

Инфо-медиа системот во стартното ниво на опременост користи 6.5-инчен екран на допир, а во повисоките варијанти дисплејот е 8 инчи, за да во врвната верзија достигне до 9.2 инчи, со DVD и 64 GB вградена меморија.

Новиот Karoq е првата Škoda, која добива дигитален кокпит, по урнек од Audi Q7 и последниот Golf.

Следат технологиите за безбедност: , систем за одржување во лента на возење, предупредување за „мртов агол“,  препознавање на сообраќајни знаци…

Продажбата ќе стартува веднаш по глобалната премиера, во септември годинава,  на салонот за автомобили во Франкфурт, а испораките на почетокот на идната година.

Цените сѐ уште не се познати.