Ви го претставуваме противникот на Шкендија: Дачија – „џелатот“ на Ренова и екипата што требаше да биде шампион на Молдавија

1029

Иако доаѓа од Молдавија, екипата на Дачија е една исклучително организирана и силна екипа.

Тоа на своја кожа најдобро го почувствува Ренова пред две години кога од истиот тим доживеа елиминација со вкупни 1-5 (1-4 на гости и 0-1 дома). Лани Дачија не успеа да го помине првото квалификациско коло од Лигата Европа и беше елиминирана во првото коло, но затоа малку недостасуваше да биде шампион на Молдавија и воопшто да не учествува во денешната ждрепка за ЛЕ.

Основниот дел од сезоната, Дачија го заврши на делба на првото место со тимот на Шериф со по 69 бода и идентични победи на двете екипи со по 1-0. Правило во Молдавија е во ваков случај да се игра натпревар за титулата, а тој во 90 минути заврши 1-1. На пенали, Шериф победи со 3-0 и на тој начин стигна до титулата во молдавското првенство, а Дачија остана на единствениот трофеј од 2011 година. Од 2012 година, тимот од Кишењев дури четири пати заврши како второпласиран.

Прво име во тимот минатата сезона беше 24-годишниот француски интернационалец Шеик Алан Диара кој постигна девет гола и беше трет стрелец во првенството. Покрај него, ѕвезда на екипата е и Вјачеслав Посмак кој е централен дефанзивец и веќе има 15 настапи за молдавската репрезентација. Дачија игра на стадионот кој го носи истото име и има капацитет од околу 8,5 илјади места, но за седење се само 3,500, па можеби тимот ќе игра на Националниот стадион Молдавија кој собира 15 илјади гледачи.

Првиот натпревар се игра во Кишињев на 29 јуни, а реваншот е една недела подоцна, но дополнително ќе биде утврдено каде.