Ви го претставуваме противникот на Вардар: Малме – тимот на Златан Ибрахимовиќ

1143

Иако на хартија Малме е полесен од другите тимови кои му беа можни противници на Вардар, далеку од тоа дека македонскиот првак ќе има лесна задача во второто квалификациско коло од Лигата на шампионите.

Станува збор за најтрофејниот клуб во Шведска со 19 шампионски титули (една повеќе од Гетеборг) кој доминира во тамошната лига бидејќи во претходните четири сезони, три пати беше првак. И во моментов Малме е лидер на табелата со ист број бодови како Норчепинг, но со еден натпревар помалку.

Но, и покрај успесите, Малме е најпознат по тоа што е матичен клуб на една од најголемите ѕвезди во историјата на фудбалот Златан Ибрахимовиќ. Тој дебитираше во првиот тим во 1999 година како 18-годишник, но играше само две сезони пред да биде продаден на Ајакс. Освен тоа, иако матичен, Малме е единствениот клуб со кој Ибрахимовиќ не освои ниеден трофеј.

Но, тоа за фудбалерите на Вардар и не треба да биде многу важно. Многу поважно во моментов е тоа што Малме последните години доживува ренесанса и дека во 2014/15 и 2015/16 играше во групната фаза од Лигата на шампионите. Во двата случаи не успеа да помине во осминафиналето, односно го освои последното место во групата, но самото учество во европската фудбалска елита е огромен успех.

Од актуелниот играчки кадар, најпознато име е Маркус Росенберг кој во својата кариера беше член на ВБА, Ајакс, Вердер и Сантандер. Веќе има 34 години, но и покрај тоа сезонава е најефикасен играч на Малме во домашното првенство со четири гола колку што има и 23-годишниот Павел Цибицки. Вредноста на тимот, според Трансфермаркт е проценета на 18,5 милиони евра, два и пол пати повеќе од онаа на Вардар.

Малме игра на стадионот Сведбанк кој е со капацитет од 24 илјади места, но домашните навивачи не прават атмосфера од кои фудбалерите на Вардар би требало да се плашат. Позитивно е тоа што првиот меч се игра во Малме на 11 или 12 јуни, а реваншот е една недела подоцна, но уште не се знае дали во Скопје или во друг град.