(Видео) Јунајтед е првиот гостин во Скопје: Мурињо и „Ѓаволите“ ја освоија Лигата на Европа

2041

Екипата на Манчестер Јунајтед славеше во финалето од Лигата на Европа и следната сезона ќе игра во групната фаза од Лигата на шампионите, откако го совлада Ајакс со 2:0.

„Црвените ѓаволи“, под водство на португалскиот стратег, успеа да го освои единствениот трофеј кој им недостасуваше во нивната богата шампионска ризница и со тоа успеаја да обезбедат пласман во Лигата на шампионите, што беше главна цел пред почетокот на сезоната.

Манчестер Јунајтед беше апсолутен фаворит во ова финале, каде за противник го имаше младиот и неискусен тим на Ајакс, кој пак, првпат по 1995. година игра едно европско финале.

„Ѓаволите“ одиграа типично „мурињовски“, без многу напаѓање, тактички и со акцент ставен на одбраната. Одлучи Мурињо да им дозволи на младите „копјаници“ да играат во овој натпревар, а Јунајтед од друга страна беше далеку поконкретен.

Веќе во 18. минута Пол Погба го најави походот кон трофејот од Лигата на Европа, откако по еден удар од работ на шестнаесетникот, благодарение на дефанзивецот на Ајакс Санчез, успеа да го измами Онана и да ја затресе мрежата на Ајакс за водство од 1:0. Јунајтед поведе практично од првата посериозна акција, откако претходно инцијативата ја имаше најтрофејниот холандски тим.

И во продолжението Јунајтед одигра тактички перфектно и со стабилна игра во одбраната не му дозволуваа на Ајакс да биде премногу опасен, иако ја имаа топката во свои нозе.

Потврда на победата стави Хенрик Мхитарјан со гол во 49 минута од мечот, кој на акробатски начин ја зафати топката и ја затресе мрежата на Ајакс.

Веќе беше јасно дека е готово, на Ајакс му требаше чудо да дојде до победата, па дури и до продолженија.

Одбраната на Јунајтед функционираше како швајцарски часовник, младите фудбалери на Ајакс немаа никакви шанси, а во последните 10 минути од мечот тргнаа во очајнички обиди со удари од далечина, но тоа не даваше никакви резултати.

Манчестер Јунајтед рутински го приведе мечот при крај, дојде до посакуваниот триумф и започна да ја слави историјата.

Мурињо, пак, славеше и во своето четврти финале на некое европско натпреварување. До сега двапати ја освои Лигата на шампионите со Порто и Интер, додека исто така со Порто, сезона пред историскиот успех, успеа да ја освои и Лигата на Европа (тогаш УЕФА Куп). Со ова, тој стана првиот тренер кој во текот на својата кариера во два наврати успеал да ги освои Лигата на шампионите и Лигата на Европа (или УЕФА Купот).