(Видео) Русија го збриша Нов Зеланд на отворањето од Купот на конфедерациите

359

Нов Зеланд не е идеалниот репер за квалитет, но домаќинот на Купот на конфедерациите и следниот Мундијал покажа дека е подготвен да оди до крај.

Русија ја оправда улогата на фаворит во дуелот со Нов Зеланд, откако славеше во денешниот меч со 2:0. Многу потежок предизвик ќе има екипата на Станислав Черчесов во дуелите со Португалија и Мексико. Меѓутоа, публиката во Санкт Петерсбург задоволна го напушти стадионот.

Русија славеше речиси рутински. Покажа авторитет недозволувајќи му на Нов Зеланд да размислува за поинаков исход. Гостите се провлекуваа до 31. минута. Тогаш Глушков одлично влезе од зад грб на одбраната на Новозеланѓаните и потоа со здружени сили со стоперот Боксел ја погоди мрежата на ривалот.

„Зборнајата“ беше апсолутно надмоќна на теренот. Немаа сили Новозеланѓаните да направат нешто повеќе. Русија пробиваше преку крилата, а една таква прилика искористи Смолов.

Можеше Русија да постигне уште некој гол, но муницијата очигледно е сочувана за следните дуели.