(ВИДЕО) Дебакл, црвен картон, промашен пенал, полна мрежа… Македонија декласирана од Австрија среде Скопје

1079

Македонската фудбалска репрезентација до 21 година забележа нов, трет пораз во квалификациите за ЕП 2019 во Италија, откако на домашен терен на арената „Филип Втори“ во Скопје забележа вистински дебакл од Австрија.

Македонија доживеа уште еден срам по поразот од Гибралтар, па денеска во Скопје избраниците на Милевски доживеаја срамен пораз од 4:0 од репрезентацијата на Австрија.

Дека нешто не „штима“ во составот се потврди и на денешниот натпревар. Селекторот Милевски предупредуваше дека мечот со Австрија е шанса да се обели образот по катастрофата против Гибралтар и дека ова ќе биде последна шанса за поединци кои не ги прикажуваат истите игри во клубовите и во националниот тим.

Јасно е дека Македонија по четири одиграни натпревари ги загуби сите шанси за повторување на успехот и пласман на ново големо натпреварување. По стартната победа кај Ерменија, по која сите очекуваа продолжување на победничката низа, следуваа поразите од Србија и Гибралтар, а денеска и од Австрија, па јасно е дека за нас овие квалификации се веќе завршени, па ќе водиме битка за избегнување на последното место во групата.

Квалитетните Австријци не не потценија и максимално сериозно влегоа во овој дуел, од кој исто како и нас, имаа императив за победа со цел да ги задржат шансите за пласман на ЕП.

Не е дека Австријците не надиграа, напротив… Ако се погледне статистиката, тогаш јасно е дека двете репрезентации беа максимално израмнети. Поседот на топката беше 50-50, а и бројот на ударите кон голот беше идентичен – 12 удари (5 во рамките на голот) за двете репрезентации. Сепак, Австријците работата си ја завршија во првото полувреме, кога статистички беа подобри, а нашата иницијатива во вториот дел беше залудна. Но, работата е во тоа што речиси секој удар на Австријците кој одеше во рамките на голот заврши во нашата мрежа, па можеби Милевски ќе треба да размисли да ја ремонтира токму одбраната. Самиот истакна дека не е задоволен од голманите, па за овој натпревар менуваше на таа позиција.

Но, ќе треба многу повеќе за да се поправи впечатокот.

Инаку, Јакуповиќ веќе во 12. минута ги доведе Австријците во водство, а веќе во 26. минута Хонсак стрелаше за 2:0. Победникот беше решен веќе во 36. минута кога Лајмер погоди за 3:0.

Во второто полувреме нашите репрезентативци наметнаа темпо се обидоа брзо да се вратат во игра, а Милевски направи и две замени на полувремето, па во игра влегоа Здравковски и Стојановски на местото на Кулески и Селмани, но тоа не беше доволно да постигнеме барем гол.

Веќе во 54. минута Јакуповиќ стрелаше за конечни 4:0.

До крајот на натпреварот Македонија не успеа да постигне гол, а најзрелата шанса ја прокоцка Исени кој промаши пенал во 85. минута. Пет минути претходно Тихомир Костадинов доби црвен картон со што се погрижи за целосно катастрофална слика за нашата репрезентација од овој натпревар – Полна мрежа, убедлив пораз без постигнат гол, црвен картон и промашен пенал, сето тоа на домашен терен… Веројатно најлошото што можеше да се случи на овој натпревар.

Веќе се покажува дека оваа селекција на Милевски можеби не го поседува капацитетот кој го имаше претходната генерација, иако во тимот имаме играчи како Елмас, Ѓорѓев, Селмани, Чешмеџиев, Костадинов, играчи кои имаат искуство и кои играат стандардно, без разлика дали станува збор за странски или домашни клубови.

Уште сега е јасно дека ќе мораме да се помириме со тоа дека Македонија во овој циклус нема да го повториме успехот на генерацијата на Барди, Николов, Бабунски, Велковски и останатите, па селекцијата ќе треба да се воигрува за следниот циклус, односно полека шанса да добива идната генерација.